Во текот на минатата недела се откриени неколку обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани цигари, домашна ракија, кожни јакни, бунди од природно крзно, облека и фалсификати.
Задржана е следната стока:
Цигари и домшна ракија
– 150 штеки цигари без акцизни маркички, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски автобус што сообраќал на релација Косово – Турција, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Цигарите биле пронајдени под душекот на креветот во делот за одмор на возачите, а како сопственик се пријавил еден од возачите на автобусот. Непријавените цигари се привремено задржани а против сопственикот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 61 штека цигари, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Непријавените цигари, пронајдени во најлонски кеси, сокриени под крветот во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 4 литри домашна ракија, откриени од страна на царински тим од царинарница Куманово, при извршена контрола на трговски објект во Куманово. Алкохолниот пијалок пронајден во фрижидер и под шанкот на трговскиот објект, е привремено задржан, а против правното лице и одговорното лице се изготвени мандатни платни налози и е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Облека
– 18 женски и машки јакни од кожа и бунди и елеци од природно крзно, откриени при контрола на полски автобус, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи пронајдени во две торби сместени во преградата за алат во багажниот простор, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 14.881 текстилни производи (чорапи и долна облека) откриени при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Тетово, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 1. Покрај тоа биле откриени и 105 парчиња облека (кошули и блузи) со ознаки на заштитени трговски марки, за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. За непријавените производи, против увозникот е поведена прекршочна постапка, додека за сомнителните производи е поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност. Сите производи се привремено задржани.