Груевски: Имаме солидни резултати и аргументи за позитивен извештај

Премиерот Груевски рече дека Македонија има многу солидни резултати и аргументи за позитивен извештај и позитивна одлука на јунскиот Самит и покрај политичките притисоци со кои се соочува. Тој ги набележа добрите резултати во петте клучни области од Пристапниот дијалог на високо ниво, а ја истакна и посветеноста на Владата за унапредување на добрососедските односи.

За меѓусебната соработка со Бугарија рече дека биле презентирани бројните иницијативи преземени од македонска страна. Во однос на Грција, пак, додаде дека иако билатералната политичка комуникација не е на посакуваното ниво, Македонија продолжува со позитивен однос за зајакнување на заемната доверба.

„Никој повеќе од Македонија не сака да се надмине последната пречка која стои на патот на нејзините евроинтеграции. Верувам дека Пристапниот дијалог на високо ниво и отворањето на преговорите со Македонија ќе биде дополнителен импулс за создавање услови за решавање на наметнатиот спор со Грција зашто Македонија останува посветена“, – посочи Груевски.