Сите политички сили да се фокусираат на евроинтеграциите и тие да не им бидат заложник на нивниот политички натпревар зашто тоа е на штета на граѓаните и на Македонија, порача еврокомесарот за проширување Штефан Филе на заедничката прес-конференција со премиерот Никола Груевски по завршувањето на четвртата сесија од пристапниот дијалог на високо ниво меѓу македонската Влада и Европската комисија.
Филе посочи оти по политичката криза можеме да се фокусираме на Пристапниот дијалог.
„Завршена е значајна работа и постигнат е напредок по важни прашања, но се согласивме дека уште треба да се работи“, рече еврокомесарот.
Во однос на имплементацијата на договорот од 1 март кој ја реши политичката криза Филе со оценка дека тој се имплементира, но не целосно.
„Политичарите ја создадоа кризата и имаат одговорност да ја надминат со имплементација на овој договор што досега не е направено или барем не во целост“, рече Филе.
Во врска со медиумите тој посочи дека од суштествено значење е Владата да го продолжи дијалогот со новинарите за да се ангажираат во реформите на ова поле бидејќи, како што посочи, слободата на медиумите е основа на демократијата.