Учество на министерот Попоски на Глобалниот Безбедносен Форум „GLOBSEC“ во Братислава

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, на годинешната безбедносна Конференција GLOBSEC, што од 18 до 20 април, 2013 година се одржува во Братислава, беше панелист-говорник на панелот на тема „Ре –енергизација на проширувањето на ЕУ во Западниот Балкан“.

По обраќањето на Комесарот за проширување Фуле кој истакна дека Европската Комисија ги подготвува земјите кандидати за Европска Унија на иднината, а не на минатото, Министерот Попоски, во неговото воведно обраќање, истакна дека „Перспективата на Балканот во голема мера зависи од силна Европа која е подготвена и во состојба да шири просперитет а балканските земји мора не само до зборуваат европски туку и да дејствуваат европски, спроведувајќи вистински реформи особено во владеење на правото“.

Министерот Попоски изјави дека „перспективите се сосема различни во зависност од тоа каде се наоѓате. Притоа, потребно е да се најде соодветната рамнотежа“, – рече тој.

„Во политиките на ЕУ треба да им се придаде поголема важност на мерките со кои се поддржуваат растот, подобрувањето на инфраструктурата, зголемувањето на економските можности и подобрување на животниот стандард на граѓаните“.  – потврди Министерот Попоски.

Истакнувајќи дека Република Македонија претставува своевидно гуру на трпеливоста, Министерот Попоски подвлече дека и земјите членки на ЕУ треба да останат доследни на почитувањето на правилата на кои се основа клубот.

„Носиме и спроведуваме суштински реформи. Од голема помош ни е дијалогот што го водиме со Европската Комисија. Имаме одговорност тоа да продолжиме да го правиме. Секако, очекуваме подеднакво ниво на одговорност и посветеност и од земјите членки. Проширувањето треба да создава динамика и просперитет, не фрустрации и пасивност. Корисно е секогаш да се присетиме што имале на ум основачите на унијата“, – истакна Министерот.

На маргините на годинешната конференција GLOBSEC Министерот Попоски реализира одвоени средби со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Словачката Република Мирослав Лајчак.

Министерот Попоски информира за преземените активности од страна на Република Македонија во контекст на нејзината евроинтегративна агенда.

МНР Попоски и во оваа прилика уште еднаш се заблагодари за помошта што Словачка и ја дава на  Македонија на овој план, изразувајќи уверување за продолжување на истата и во наредниот период.

Средбите на Министерот Попоски со г-динот Иан Бжежински од Брент Скоукрофт центарот за меѓународна сигурност и од Атлантскиот совет, г-динот Дејмон Вилсон, од Атлантскиот совет и г-динот Курт Вокер, извршниот директор на Меккејн институтот за меѓународен лидершип и бивш амбасадор на САД во НАТО, беа добра можност за размена на информации и размислувањa.

На средбите беше разговарано за односите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави, аспирациите на нашата држава во НАТО и Европската унија, како и актуелениот контекст на Транс-атлантските односи. Министерот Попоски ги информираше соговорниците за напорите на Република Македонија во насока  на евро-интегративниот процес и зачленувањето во ЕУ и НАТО. Воедно, соговорниците разменија мислења за актуелните надворешно-политички и економски настани во Република Македонија и регионот.