Движечките сили против силите на отпорот

Вчера, 26 април, во конгресната сала на хотелот Силекс, се одржа семинар на тема „УПРАВУВАЊЕ СО ПРОМЕНИТЕ“ (Go To Change) на кој учествуваа над триесетина лидери -менаџери на  македонски национални   јавни и  приватни компании, како и десетина  претставници на синдикални организации, меѓу кои и   синдикални лидери  на СОНК од  охридскиот регион. Семинарот кој беше во организација на Бизнис-конфедерацијата и Конфедерацијата на слободни синдикати, имаше за цел да презентира како најлесно може да се случат потребните промени во една компанија или установа, а сето тоа да биде прифатено од вработените.

За оваа цел, организаторите (претседателите на Конфедерацијата на слободни синдикати и на Бизнис конфедерацијата: Мирјана Андреевска и Миле Бошков) обезбедија присуство на  двајца германски експерти по оваа тематика “Управување со промените” -Себастијан Фројнд и Винфрид Швејн- кои  презентирааа повеќе  методи и инструменти за управување со промените во една компанија. Нивното искуство од автомобилската  компанија “Мерцедес”, беше  интересно  да се слушне и да се сподели со присутните  учесници на семинарот, зашто имаше и што да се научи. Имено, на мошне сликовит  и аргументиран  начин  со полно статистички компаративни податоци, од страна на Винфрид Фројнд беше потенцирано дека Управувањето со промените го иницираат и спроведуваат  т.н. Движечки сили во една компанија кои имаат за цел да ги објаснат своите визии за промените и ефектите од промените и  во тоа да ги убедат сите вработени, особено т.н. Сили на отпорот кои  во почетокот се “смртни непријатели“ на промените. Движечките сили  мора да знаат не само ШТО, туку и КАКО да  го спроведат замисленото; како да ги  вклучат  сите вработени во процесот на промените – за секој од вработените да се почувствува  способен, но и корисен за фирмата и за нејзината  посакувана перспектива. Мотивацијата  на вработените како  појдовна основа може и мора  да биде модус вивенди  и  движечка сила  на промените. Аргументите  на Движечките сили    мора да бидат мерливи и остварливи и  само така вработените  ќе бидат сигурни во идејата за промени, а оние од Силите на отпорот  сами по себе ќе ја изгубат својата намера за закочување на Процесот на промените, зашто  нема да имаат никаква  поинаква причина, освен некоја политичка ,  за да опструираат  сигурна добивка за сите.Од тие причини, беше истакнато на семинарот, Движечките сили  мора аргументирано да  убедуваат и да  ги победуваат Силите на отпорот  за да  има позитивни и  перспективно-корисни  промени во работењето и  во добивката од работењето.

Една од презентациите на семинарот  беше  и тоа како и со кои инструменти  може поефикасно и полесно да се дојде до промените. Интересно  беше што  како искуство од германската автокомпанија “Мерцедес” како еден од  инструментите беше  потенцирано и наградувањето според учинок,  со што  вработените  ќе станат помотивирани и пополезни и посреќни, а со тоа ќе придонесат не  само за успешно спроведени  промени, туку и за поголем рејтинг и углед на компанијата во која работат.

„Управувањето со промените  зависи од визионерството на директорите, на лидерите и на менаџерите. Во овие рамки, според германските  истражувања во “Мерцедес” и други компании, само 16 %  од  директорите се визионери, а  дури  84 %  се само чувари на спроведувањето на целите. И затоа е потребно да се биде вистински лидер и менаџер  – визионер – подготвен за промените  и да се преземат одговорностите за  целите од управувањето со промените. Ако лидерот на компанијата  не работи на промените и ако не ги поддржува  позитивните движечки сили  на промените, тогаш  нема да имаме успешни промени“.  – истакна германскиот експерт Винфред Швејн.

Последниот излагач на семинарот беше советникот за  развој на кариера, проф. Жаклина Гештакоска  – Алексиева, која истакна дека  мора да се победи стравот  при преземањето на  обврските и  одлуките за промени. Оттука, рече таа, треба  раководството на  компанијата да ги вклучи сите вработени во донесувањето на одлуката за промени за секој од  нив да  се вложи во промените, да се грижи за својот влог и да  очекува  подобри денови и за себе и за заедницата.

Учесниците на семинарот успешно реализираа  две работилници при што со своите искуства и визии за  промените, дадоа полн придонес во одличната реализација на овој еднодневен, но мошне плоден семинар, чии позитивни искуства, беше констатирано во заклучоците, ќе бидат од особена корист за раководењето и менаџирањето со промените во  македонските компании и установи, чии претставници ќе знаат како да ги имплементираат  стекнатите знаења.

текст и фото: ДИМ ДОН