Потпишани договори за безвизен режим и соработка на полето на инвестициите со Аргентина

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (петок, 26.04.2013 година) во Буенос Аирес оствари средба со министерот за надворешни работи на Аргентинската Република, г-дин Хектор Тимерман.

На средбата беа поздравени меѓусебните односи и беше констатирана иницијативноста на двете земји за развој на истите и на економско и на политичко ниво.

Соговорниците ја истакнаа посветеноста на двете земји за продлабочување на економската соработка и реализација на конкретни проекти за унапредување на соработката кои ќе се од заеднички интерес.

По средбата беше потпишан Меморандум за промоција на соработката на полето на инвестициите, кој ќе претставува платформа за креирање на економска основа на соработката, продлабочување на трговската размена и можност за реализација на инвестиции на компании од двете земји. Меморандумот претставува и ориентир и ја дава рамката за понатамошното надградување на договорната соработка и договорното уредување на односите.

Беше потпишан Договорот за визна либерализација на носителите на посебните видови патни исправи што претставува исчекор кон заокружување на правната рамка за овозможување на безвизен проток на лица од двете земји.

Двајцата соговорници разговараа и за повеќе други теми од областа на можностите за соработка на полето на образованието, информатиката и останатите јавни дејности.

Беа разменети и мислења за меѓународни економски теми, опциите за менаџирање на влијанијата од светските негативни економски движења, и овозможување на понатамошен раст на националните економии.