Македонија ќе ја засилува културната соработка со Финска

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Амбасадата на Република  Македонија во Стокхолм се сретна со финската продуцентка Сирпа Рудман која пред две години направи репортажа за природните убавини на Македонија, Хрватска  и Црна Гора.

Со својата продукција за култура, туризам и мода „Рудман“ таа снимаше во Охрид, Битола и Прилеп во 2011 година, а репортжата била прикажана во нејзиното „Сирпа Рудман шоу“ во Хелсинки, Турку и Тампере.

На средбата, како што јави известувачот на МИА, беше договорено Рудман во јули да ја посети повторно Македонија и да сними репортажа за природните и културните убавини на Скопје. Со неа ќе дојде и мис на Финска за да ја промовира македонската традиционална носија.

Филмот ќе биде промовиран во октомври во Хелсинки, за време на Рудман шоуто, кога и министерката за култура Канческа-Милевска ќе ја посети Финска. Таа денеска и се заблагодари на Рудман за презентацијата на Македонија, со што се промовира македонското културно наследство и туризам.

„Госпоѓата Рудман е силен поддржувач и промотор на Република Македонија во изминатиот период. Таа направи прекрасни репортажи за Охрид, Битола и Прилеп, кои се прикажани во нејзината емисија. Разговаравме за репортажа за главниот град и за деталите за нејзиното повторно доаѓање. На мое огромно задоволство таа ќе присуствува на отворањето на Охридско лето“,  рече министерката за култура.

Сирпа Рудман истакна дека во нејзините емисии ги претставува најубавите кадри од  пејзажите и убавините на земјите во кои снима за да им ги доближи на луѓето во Финска.

„Најубавите  градби, големите настани и луѓето, се разбира. И затоа е големо задоволство пак да продолжи соработката со што Финците подобро ќе дознаат дека Македонија е прекрасна земја со голема историја. Многу ме радува што ќе дојдам во Скопје и што повторно ќе го видам Охрид“, рече Рудман.

Македонскиот амбасадор во Кралството Шведска, Кире Илиоски, кој е и нерезидентен амбасадор на Република Финска, изјави дека првата репортажа на Рудман предизвикала голем интерес  кај финските туристи.

„Имавме директни летови од Хелсинки до Охрид и Македонија се најде на нивната мапа. Тоа беше изненадувачки и се надевам дека нејзините репортажи ќе придонесат наскоро за уште поголем број туристи од Финска, но и од Шведска“, рече Илиоски. 

Канческа-Милевска се сретна и со шефот на сите почесни конзули на Финска Гајус Гуленбогел, на која разговараа за интензивирање на соработката со таа земја. Гуленбогел посочи дека во Финска веќе има интерес за туризмот и за македонското вино, кое е присутно на тамошниот пазар. 

„Разговаравме за зацврстување на соработката, која веќе постои, за Македонија да биде многу подобро позната во Финска, но исто така и во другите земји во овој регион, во нордиските, но и во балтичките“, додаде Гуленбогел. 

По повод 20 години дипломатски односи со Финска, министерката за култура во октомври ќе го посети Хелсинки, каде што Театарот за деца и младинци ќе гостува со претставата „Македонска приказна“.