Средба на претседателот Иванов со раководствата на универзитетите во Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со раководствата на универзитетите во Република Македонија.

На средбата присуствуваа проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Св Кирил и Методиј” – Скопје, проф. д-р Арбер Челику, проректор на Државниот универзитет во Тетово, проф. д-р Замир Дика, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Саша Митрев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, проф. д-р Сашо Атанасоски, проректор на Универзитетот „Климент Охридски”- Битола и проф. д-р Братислав Станковиќ, проректор на Универзитетот „Свети Апостол Павле” – Охрид.

На средбата беа разгледани ставовите, забелешките, впечатоците и предлозите за унапредување на системот на студии, кои беа изнесени од студентите со највисок просек на студии од универзитетите во Република Македонија на шестте средби кои претседателот Иванов ги оствaри во периодот од март 2012 до април 2013 година, во рамки на својата програма и политика на дејност кон младите и студентите.

Присутните на средбата ја поздравија иницијативата на претседателот Иванов и се заблагодарија за можноста да ги изнесат своите размислувања во однос на работата на универзитетите. Преставниците на универзитетите констатираа дека предизвиците со коишто се соочуваат високообразовните институции во својата работа треба да се решаваат на систематски начин, а решенијата што се нудат да бидат комплементарни.

На средбата претседателот Иванов порача дека универзитетите и студентите треба да се прилагодат на новото време, кое бара постојано надоградување на знаењата и вештините. Иднината на државата ни зависи од кадрите што излегуваат од универзитетите, посочи претседателот Иванов. Македонскиот претседател побара универзитетите да нудат решенија согласно тенденциите во општеството и согласно потребите на пазарот на трудот.

Претседателот Иванов и неговите соговорници се согласија дека ваквиот тип на средби треба да продолжи, со цел изнесените сугестии и идеи да добијат своја соодветна примена.