Најдобрите спортисти од училиштата ќе си ги одмерат силите

Училишниот спортски камп годинава ќе се одржи по четврти пат. Вкупно 298 најдобри спортисти од училиштата ширум Македонија ќе ги одмерат силите на најмасовните училишни спортски игри.

Како што информираше министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, учениците ќе се натпреваруваат во различни спортски дисциплини, но и ќе остварат непосреден контакт со веќе афирмирани селектрои и професионални спортисти од нашата земја.

„Најповолното место за развој на спортот од аспект на масовноста и од аспект на квалитетот се училиштата. Затоа МОН во континуитет вложува во подобрување на спортската инфраструктура и унапредување на наставните планови и програми, како и опремување на спортските сали со сите неопходни реквизити. Сето тоа овозможува учениците од најмала возраст да научат кои се придобивките од активното спортување“, рече Ристовски.

Училишниот спортски камп ќе се одржи во периодот од 24.06 до 29.06 во Охрид, Дојран и Струга.

Агенцијата за млади и спорт заедно со МОН и Федерацијата на училишен спорт, со голема посветеност влезе во организацијата на овој камп.

„Преку ширење на спортската култура во училиштата уште од најмала возраст се создава предуслов, понатаму, истите тие ученици, во својата интеракција со спортот која се остварува на повеќе начини на нивната вклученост во неговите текови, покрај задоволството кое ќе го добиваат од спортската изведба, на тој начин тие да ги прошируваат и сопствените културни сознанија, да проникнуваат во искуства и во нивниот пристап кон спортските вредности, истовремено, да градат и негуваат сопствен интегритет и да ја развиваат свесноста за една од најголемите вредности, а тоа е неговата моќ за зајакнување на националното чувство“, рече директорот на АМС, Александар Пујовски.

Во Охрид кампот започнува во понеделник каде учениците ќе си ги одмерат силите во атлетика, борење, пинг-понг, џудо, карате, стрелаштво.

Во Дојран ќе се игра футсал, ракомет и одбојка.

Во Струга учениците ќе се натпреваруваат во шах и кошарка.