Потврдени одличните односи, пријателството и довербата меѓу Македонија и Словенија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, изјави дека на денешната средба со Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, станало збор за тоа како Македонија да ги искористи позитивните искуства на Словенија, која во однос на Хрватска покажа дека може европски да се однесува кон земја кандидат за членство во Европската унија.

Според претседателот Иванов, Брисел треба да и го понуди на Република Грција словенечкиот пример – како членка на Европската унија кон земјата кандидат – Република Македонија да се однесува на ист начин. Тоа, рече претседателот Иванов, би било од голема корист и за неа зашто ќе придонесе за европеизација на регионот.

„Очекуваме од Унијата иста посветеност за прашањето меѓу Грција и Македонија како и за прашањето на Косово и Србија, да има дел од таа енергија и во однос на нас”, потенцира македонскиот претседател.

Одговорајќи на новинарски прашања, претседателот Иванов нагласи дека постојано се соочуваме со ситуација на немање соговорник. Сите наши иницијативи се отфрлаат, не се прифаќаат, а ние сакаме решение, сакаме да седнеме и да разговараме, рече претседателот Иванов.

„Во оваа ситуација, нема со кого да дојдеме до решение. За да можеме да го усвоиме позитивниот прмиер на Словенија и Хрватска, тоа треба да се случи меѓу Скопје и Атина, но од Атина немаме одговор ниту на писмата што ги праќаме, последното од премиерот и моите неколку официјални покани до Папуљас. Сега имавме првпат можност од осамостојувањето на Македонија да има контакт, средба меѓу грчки и македонски претседател”, рече претседателот Иванов, оценувајќи дека е недопустливо две соседни земји да не одржуваат средби меѓу нивните претседатели.

Претседателот Пахор, од своја страна, побара Република Македонија да понуди конкретна иницијатива за прашањето со името која, како што рече, нема да ги остави рамнодушни претставниците од ЕУ и меѓународната заедница.

Без оглед на чувствата во преговорите, истакна претседателот Пахор, треба да се биде практичен. Ова е многу важно за паралелно да се решаваат членството на земјата во ЕУ и името.

„За кавга и соработка се секогаш потребни двајца. Потребно е многу храброст водачите на двете страни да се одлучат за соработка”, рече претседателот Пахор.

Според него, во процесот на проширување, поголеми можности за влез во ЕУ ќе имаат државите кои сами ќе се обидат да ги средат односите со соседите.

На средбата двајцата претседатели констатирале дека меѓу Република Македонија и Република Словенија нема отворени прашања поради што е можно да се интензивира соработката во сите сфери, особено во делот на трговската размена и заедничките инвестиции.

„Оваа посета е потврда за одличните односи, пријателството и довербата меѓу Македонија и Словенија”, рече претседателот Иванов, квалификувајќи ја средбата како многу конструктивна, бидејќи на неа биле отворени сите прашања од заеднички интерес.

Словенечкиот претседател нагласи дека во Република Македонија дошол од две причини, да го продлабочи трајното пријателство и уште еднаш да ја искаже словенечката поддршка на патот на македонското евроинтегрирање. Тој го најави одржувањето на т.н. Брдо процес на 25 јули, на кој, покрај претседателите на сите балкански земји, од Словенија до Албанија, ќе присуствуваат и францускиот претседател Франсоа Оланд, како и високи претставници на ЕУ.

Процесот Брдо е вид неформална средба на претседателите на државите членки на ЕУ и на земјите кандидати, но, според Пахор, тешко е да се каже какви ќе бидат резултатите од евентуалните разговори во однос на македонското евроинтегрирање.

„Му порачав на мојот колега, Македонија до 25-ти да најде порака што ќе може да и биде пренесена на ЕУ”, истакна уште еднаш словенечкиот претседател.

Тој подвлече дека Словенија секогаш ги поддржувала напорите на Македонија за евроинтегрирање, а така ќе биде и понатаму.

pahor1 pahor2 pahor3