Низа советнички прашања за планираните проекти упатени до градоначалникот

Советниците упатија бројни прашања до градоначалникот Никола Бакрачески и стручните служби на Локалната самоуправа  кои се однесуваат на планираните проекти кои Градоначалникот ги најави за иднина.

Изградбата на затворениот пливачки базен, проект кој години наназад се провелкува низ јавноста, а охриѓани со нетрпение го очекуваат како прашање го постави советникот Дејан Пановски.

Во која фаза е проектот за изградба на затворен пливачки базен во Охрид, кој беше дел од Вашата изборна програма? – праша советникот Пановски. 

„Проектот за изградба на затворен пливачки базен на спортско-рекреативниот центар “Билјанини Извори“ е во фаза на изработка на архитектонско – урбанистичка документација, со која ќе се утврди точната локација на објектот. Затворениот базен ќе биде само еден дел од изградбата на современ спортско – рекреативен центар каде е предвидено да се изградат уште две игралишта за фудбал, игралиште со вештачка трева, шест игралишта за тенис, за што е веќе подготвен и проект“, – истакна градоначалникот Бакрачески.

Пановски констатира дека локалната власт оствари голем број на средби со заинтересирани инвеститори за вложување во Охрид, па праша во која област се однесува нивната заинтересираност за инвестирање.

„Во изминативе три месеци остваривме средби со потенцијални инвеститори и дипломатски претставници од: Катар, Дубаи, Индија, САД, Украина, Унгарија, Чешка, Турција, Полска и Германија кои се заинтересирани за изградба на хотелски капацитети од највисока категорија, заинтересирани се и за вложување во здравствениот туризам. Во делот на земјоделството предвидено е отворање на фабрика за конзервирање на раноградинарски култури. 

Секако дека вложувањето во индустриски капацетитети е од непроценливо значење за унапредувањето на Охрид за што планирано е и изградба на индустриска зона кај Мауцкер, се со цел да им се излезе во пресрет на потенцијалните инвеститори и да се намалат обврските и процедурите кои произлегуваат од ена таква инвестиција“, – образложи градоначалникот Бакрачески.

ЕМУЦ, Григор Прличев и Кочо Рацин се вклучени во програмата на Владата за реконструкција на 124 училишта во Р.М. Во прва фаза Општина Охрид ќе изврши промена на врати и прозори, заради заштеда на енергија и санирање на тоалетите во Музичко училиште Методи Патчев, Св.Климент Охридски, Христо Узунов, Григор Прличев, Кочо Рацин. Дополнително ќе  се интервенира во инфраструктурни зафати кои можат да се завршат во летниот период- одговори градоначалникот Бакрачески на прашање во делот на образованието кои училишта се опфатени во програмата за реконструкција на училиштата која ја спроведува општината и Министерството за образование поставено од советникот Ангел Јанев.

Советничката Јадранка Здравеска праша за  можноста за довршување на малото пристаниште, лоцирано спроти поранешниот хотел Палас.

„Постои проблем со легалноста на изградениот објект. За негова доградба координирано треба да се настапи со Министерството за транспорт и врски, односно Капетанија и Министерството за животна средина“, – рече Градоначалникот.

Евидентно е дека општина Охрид дава нагласена поддршка на културните настани во Охрид, кои се одвиваат во текот на летниот период. Неодамна потпишавте Меморандум за соработка со реомираниот Фестивал “Охридско Лето”. Како ги  оценувате културните содржини во Охрид во овој период и дали предвидувате поголемо вложување во културниот живот во градот, надвор од летниот период? – праша советничката Славица Петровска.

„Општина Охрид интензивно работи и ќе продолжи да работи на полето на промоција на културата и културните настани што ќе се одржуваат во градот. Воедно,  локалната власт ги поддржува  сите културни настани кои имаат значење за градот досега како што се Фестивалот „Охридско лето“ и Францускиот Филмски Фестивал.

Организирање на манифестации и културни содржини во текот на целата година ќе биде новина во работењето на културен план на оваа локална самоуправа  а поддршка ќе биде обезбедена и за настани во културата во руралните средини-Трпејца со љубов, Денови на Живко Чинго, Поетска ноќ во Велестово и др.“ – брифираше градоначалникот Бакрачески.