Прифатени 151 коментар за квалитативно подобрување на прашањата за екстерното тестирање

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска, информираше дека Министерството прифатило 151 од вкупно поднесените 720 коментари во однос на прашањата со кои екстерно ќе се оценуваат учениците во последните години од средното образование.

„Прифатените 151 коментар од страна на Работната група главно се однесуваат на појаснување на определено прашање или поквалитетен превод. Во текот на денешниот ден ќе биде објавен вкупниот број на прашања заедно со прифатените коментари. Најверојатно ќе има посебна листа на прашањата со прифатени коментари за да обезбедиме комплетна транспарентност“. – истакна министерот Ристовски.

Половината од поднесените 720 коментари биле општи, во однос на процесот на екстерно оценување и воопшто не се однесувале на содржината на прашањата и на подобрувањето на нивниот квалитет, појасни Ристовски и посочи дека најчесто суштината на прашањето не е променета, туку има квалитативно подобрување за негово појасно разбирање и одговарање, или пак во делот на преводот.

Тој истакна дека прифатените 151 коментар на 60 илјади прашања, или 0,025 проценти, покажуваат дека прашањата квалитетно биле изработени и не очекува никакви проблеми при екстерното полагање.

„Екстерното полагање не треба да биде затворен процес, напротив во него треба сите да бидат вклучени. Им ги понудивме материјалите на учениците од кои треба да полагаат, ни еден ученик нема да добие прашања кои воопшто не биле објавени. Мислам дека пристапивме многу одговорно и транспарентно да се намали стресот кој беше една од главните карактеристики на минатото полагање. Фокусирани сме да добиеме многу поквалитетно екстерно тестирање. Истото ќе го направиме и во јуни кога ќе ги објавиме прашањата и за сите други генерации на вкупното екстерно тестирање. Крајната цел на екстерното тестирање е да се добие поквалитетен образовен систем.“ – нагласи министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Во недела, на 19 јануари, на влезните врати на училиштата, ќе бидат објавени финалните списоци и распоредите за тоа кој ученик кои два предмета ќе ги полага на 22-ри и 24-ти јануари. Ќе бидат опфатени околу 20.000 ученици и 2.900 наставници.