На конкурсот за пилоти досега 91 пријавен кандидат

Деведесет и еден кадидат, меѓу кои и девет жени, досега се пријавени на неодамна распишаниот конкурс на МВР за прием на 12 пилоти. Ова го изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

– Огласот трае 28 дена и до финалниот рок остануваат уште цели три недели. Очекуваме, како што се доближува истекот на рокот, бројот на кандидати да расте. Наша претпоставка е дека дел од кандидатите се уште прибираат документација и оти ги прават оние неопходни административни подготовки за да ја поднесат финалната апликација, појасни Јанкулоска.

Голем број млади луѓе, како што рече, се интересираат да влезат во процесот на селекција за да бидат пилоти кои ќе управуваат полициски хеликоптер.

– Во овој Центар, при крај со обуката се пилотите кои беа регрутирани на еден од претходните конкурси за потребите на Армијата. Што значи дека многу скоро оваа прва генерација пилоти ќе може да се вклучи во редовното функционирање на Армијата, рече Јанкулоска.

Според неа, целта е да се мотивираат што е можно повеќе млади луѓе кои, како што рече, можеби отсекогаш во животот посакувале својата идна професија да ја пронајдат во воздухопловството. Таа ги повика сите заинтересирани да се пријават на конкурсите и да бидат селектирани најдобрите.

Министерката Јанкулоска потенцира дека Центарот за обука на пилоти претставува еден модерен тренинг центар, формиран од Република Македонија и со партнерите од „Елбит“.

– Целта на овој центар е да овозможиме обука на пилоти за потребите на одбраната, полицијата, односно за потребите на државата, рече Јанкулоска. Додаде дека во иднина во овој Центар, на комерцијална основа, заинтересираните кандидати од други земји ќе можат да стекнат соодветна обука, во современи услови и со најмодерна опрема.

Со раководството на МВР, министерката Јанкулоска и премиерот Груевски ги разгледаа просториите во Центарот за обука каде се одржуваат обуките за пилоти, а беа презентирани и техничките можности на опремата за обука, како и концептот на обуката за кандидатите за пилоти што ќе се пријават на неодамна распишаниот конкурс на МВР.