Откриен случај на недозволен превоз на мигранти

На патниот правец Гевгелија-Неготино, специјалните единици при Царинска управа открија обид за нелегален превоз на девет мигранти.

Имено, Царинските службеници од Одделението за оперативни работи, на 11 февруари 2014 година околу 1 часот по полноќ, на патниот правец Гевгелија-Неготино се обидоа да сопрат патничко моторно возило со скопски регистарски ознаки, поради сомневање дека возилото пренесува нелегална стока. Шоферот на возилото ги игнорирал наредбите и скршнал од автопатот при што продолжил да се движи со голема брзина по стариот пат Градско-Велес. Царинските службеници ги известија и соодветните служби од Министерството за внатрешни работи со цел координирање и заедничко сопирање на возилото. По получасовна драма по патиштата, во близина на Велес, возилото нагло запрело на нагорнината при што возачот излегол и побегнал лево од патот оставајќи го возилото неконтролирано да се движи наназад при што истото со задниот дел удрило во службеното царинско возило, по што го сменило правецот на движење и излетало надвор од патот. Во тој момент од просторот наменет за патници како и од багажниот простор почнале да излегуваат 9 патници. Станува збор за илегални мигранти со потекло од Пакистан, Сирија и Авганистан, кои според првичните сознанија, по нелегален пат се обидувале од Грција, преку Македонија и Србија да заминат кон западноевропските земји.

Mигрантите веднаш се задржани, а по пристигнувањето на полициски службеници од СВР Велес и припадници на Граничната полиција истите им се предадени на нивно понатамошно постапување.