Општина Охрид: Отчетно работење е нешто непоимливо за ВМРО-НП

Во врска со соопштението на ВМРО-НП Охрид, за брошурата „Отчет 2013“, реакција до медиумите испрати Општина Охрид, во која стои:  

„Нормално е тоа што ВМРО-НП неможе да разбере што е тоа отчет и одговорност во работењето. Тие ниту некогаш изготвиле Програма за работа во 8 години власт во Охрид, ниту пак поднеле отчет за својата работата. Отчетноста и транспарентноста пред граѓаните е највисокиот чин на одговорност на една институција, пред своите граѓани од кои се црпи легитимитет за управување. Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, и локалната самоуправа имаат  одговорност да ги презентираат своите активности и реализирани проекти, кои посветено, чесно и одговорно ги реализираа изминатите месеци. Во Отчетот за 2013 година, нотирани се стотина реализирани активности и Проекти на територијата на општина Охрид во периодот април-декември 2013 година. Разбираме дека тесниот круг на ВМРО-НП, неможе и несака да ги забележи овие настани, затоа што тие од поодамна не комуницираат надвор од својата група на истомисленици. 

Доколку навистина имаат намера да видат и чујат што мислат граѓаните на Охрид за реализираните проекти, добро е да излезат и да видат што се е направено од страна на локалната самоуправа во Богомилска, Влашка маала, Даљан, Видобишта, Крст Џамија, Воска, Р.Новичиќ, Петрино,  Долно и Горно Лакочереј, Косел, Велгошти, и сите други Урбани и месни заедници во општина Охрид, дали и колку се реализирани инфраструктурни и развојни проекти и активности во овие средини. Средбите со жителите и претставниците на Урбаните и Месни заедници од општината се континуирани и секојдневни, а нивните потреби и проблеми се решаваат со заеднички договорена динамика.

И покрај сите наведени реализирани проекти во “Отчетот за 2013 година”, дополнително сервисирани се стари обврски од 45 милиони денари кон повеќе доверители и уште толку кон јавните претпријатија. Овие средства биле обврска која ВМРО-НП и нивните коалициски партнери требало да ги исплатат, заедно со уште триесеттина МИЛИОНИ ЕВРА долг кој го оставија во “наследство” на општина Охрид. Охриѓани во овие месеци добија локална самоуправа, која секојдневно посветено се труди да изгради нормален систем на вредности, кој беше укинат во период од 8 години и да овозможи економски развој на Охрид. Неразбирливо е оние кои за два мандати неуспеаја да осмислат, а не да реализираат еден единствен позначен проект за Охрид, денес да излегуваат со реакција на тоа што се реализираат проекти и активности кои се од исклучително значење за општината и за граѓаните. Но, тоа само зборува за нивниот  демагошки приод кон политиката.

Општина Охрид и Градоначалникот Никола Барачески, продолжуваат посветено и отчетно да ја реализираат својата зацртана Програма и да ги реализираат обврските дадени пред граѓаните за градење на просперитетен и економски стабилен Охрид.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.