Институционална подготвеност и стручност во борбата против трговијата со луѓе и илегална миграција

„Република Македонија константно ја потврдува и демонстрира институционална подготвеност и стручност во поглед на борбата против трговијата со луѓе и илегалната миграција и благодарение на тоа тие одлични резултати постојано позитивно се вреднуваат од нашите пратнери и меѓународната заедница“. Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната презентација на Годишниот извештај на Нациналниот известувач за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција во Република Македонија за 2013 година, чии што главни насоки, како што рече Јанкулоска – ги ставаме на увид на јавноста.

Како што нагласи Јанкулоска на почетокот од презентацијата Македонија и во 2013 година, според ланскиот извештај на американскиот Стејт Департмент за глобалните состојби во сферата на трговијата со луѓе и илегалната миграција во кој се опфатени 188 држави во светот повторно беше рангирана во групата ТИЕР 1 – заедно со уште 29 земји во светот коишто целосно и успешно ги исполнуваат стандардите во борбата против овој тежок облик на криминал.

„По однос на Годишниот извештај Националниот известувач за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција би сакала веднаш да нагласам два битни факти. Прво, дека Владата на Република Македонија во изминатиот период навистина направи значајни напори во зајакнување на мерките во борбата против трговија со луѓе. И второ, дека Македонија останува земја на потекло, транзит и дестинација и во 2013 година што секако ја наметнува потреба од континуирани активности во борбата против трговијата со луѓе и илегална миграција“, – потенцираше Јанкулоска.

Инаку според Извештајот во текот на минатата година идентификувани се 15 жртви на трговија со луѓе, сите од женски пол, од кои девет лица – осум македонски и една странска државјанка- се малолетни а шест се полнолетни (една македонска и пет странски државјанки), а од страна на институциите интегрирани во системот за превенција и борба против трговијата со луѓе лани биле идентификувани уште 82 потенцијални жртви на трговија со луѓе.

Во текот на минатата година покрај тоа што е обезбедено сместување и поддршка за девет лица жртви на трговија, обезбедена е и стручна помош и советување, како и специјализирани прегледи и соодветни лекарства и вклучување на жртвите во образовниот процес. Исто така добиени се оштетни побарувања за четири жртви, односно оштети во износ од по 400.000 денари за секоја жртва. Иста таква грижа и третман е дадена и на странските државјани жртви на трговијата со луѓе при што во Прифатниот центар за странци лани беа сместени 12 странски државјанки од кои пет беа идентификувани како жртви на трговијата со луѓе.

Од друга страна пак Секторот за трговија со луѓе и илегална миграција при МВР покрај учеството во меѓународни истраги има поднесено кривични пријави против осум лица (од кои двајца полициски службеници) а пак од страна на Основниот суд Скопје 1 постапувано е по 54 предмети во кои се обвинети  85 лица и во кои им е изречена казна затвор на 82 лица  со опсег на казна по Кривични дела од 6 месеци до 10 години казна затвор а условно казнети се две лица.