Македонија прва во регионот го изработи Третиот план за климатски промени

Македонија го изработи Третиот национален план за климатски промени со што стана првата земја во регионот што има изработено трет ваков документ. Во него се содржани препораки и мерки за адаптација кон климатските промени и обезбедување на зелен развој на локално, државно и регионално ниво.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој е и претседавач на Советот за одржлив развој, енергетската политика и политиката на здрава животна средина се еден од приоритетите на македонската Влада.

„Прашањето за климатските промени и одржливиот развој се високо на политичката агенда на Владата. Ефикасната и амбициозна цел за заштита на животната средина претставува суштински дел за модернизацијата на економијата на локално, државно и регионално ниво. Свесни сме за предизвиците во оваа област кои произлегуваат од нашиот кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ и посветени сме на исполнување на обврските“, истакна вицепремиерот Пешевски.

Тој најави дека предлог мерките ќе бидат усогласени со целите на идната стратегија за енергетика со што ќе се одговори на препораката од последниот извештај на Европската унија за напредокот на Македонија.

Меѓу другото од активностите што ќе се реализираат, планирано е да се инсталираат системи за мониторинг на потрошувачката на енергија во 17 компании, да се понуди можност за поддршка на проекти за енергетска ефикасност во најмалку шест компании и да се спроведат обуки.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски оцени дека документот претставува чекор напред во зголемувањето на клучните сознанија за подготвеноста на државата да се справи со предизвиците од климатските промени.

„Квалитетот на самиот документ е на многу високо ниво и ги покрива сите аспекти поврзани со климатските промени кои се специфични за Македонија. Тематските извештаи се резултат на сеопфатни анализи кои ги правеа релевантни научни и стручни институции како што се Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали на МАНУ и УХРМ, релевантни експерти помогнати од стручни лица од министерствата. А изработката на документот за сите поглавја беше следена и финално одобрена од Националниот комитет за климатски промени,“ посочи Темелковски.

Податоците говорат дека сегашните емисии на стакленички гасови на глобално ниво се за 14 проценти повисоки од оние што според пресметките би требало да се постигнат во 2020 година.

Третиот национален план за климатски промени е усвоен од страна на Владата на 27 јануари годинава.

Македонија го усвои Првиот национален план во 2003 година, а Вториот веќе во 2008 година.