Бесплатни курсеви по англиски, германски јазик и информатика за студенти и невработени лица

БЕСПЛАТНИ КУРСЕВИ ПО АНГЛИСКИ , ГЕРМАНСКИ ЈАЗИК И ИНФОРМАТИКА ЗА СТУДЕНТИ И НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА

Во рамки на Стратегијата за помош на социјално ранливите категории граѓани , што во континуитет се реализира веќе 18 месеци, Општина Охрид периодов спроведува два крупни социјални проекти кои се однесуваат на ранливите категории луѓе. Едниот проект се однесува на бесплатните курсеви по англиски, германски јазик и информатика а вториот проект се однесува на субвенционирање на дел од трошоците за комуналните услуги.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска на прес конференција ги обелодени деталите за двата социјални проекти и посочи дека тие се само почеток во трендот на воведување на олеснителни мерки, односно помош по разни основи на социјално загрозените семејства во општина Охрид.

Првиот социјален проект , односно распишаниот Конкурс по кој Општина Охрид ќе додели 30 бесплатни курсеви за англиски јазик, 30 бесплатни курсеви по германски јазик и 30 бесплатни курсеви по информатика во учебната 2014/15 година се однесува за невработени лица и студенти во општина Охрид кои живеат во семејства со ниски месечни примања или се социјални случаи.

„Кандидатите кои се пријавуваат по конкурсот, треба да ги пополнат потребните обрасци поставени на интернет страната www.ohrid.gov.mk.Кандидатите со пријавата потребно е да ги достават следните документи, за студентите потврда дека е редовен студент ( оригинал),за невработените лица потврда дека е невработено лице, извод од матична книга на родени, потврда за висината на примањата на членовите на семејството на кандидатот и тоа, ако се вработени,потврда за висината на платите на членовите на семејството, за членовите пензионери на семејството -испратница од пензија за последниот месец(оригинал) а за невработените членови на семејството на ученикот- потврда од Агенцијата за вработување дека се невработени или примаат паричен надоместок –социјална помош (оригинал),изјава за лични податоци, изјава потпишана од кандидатот дека доставените документи се вистинити и дека истиот не посетува таков курс од друга институција или фирма“, објасни на денешната средба со новинарите градоначалникот, Бакрачески посочувајќи дека овој проект општина Охрид го реализира во соработка со општинската установа отворен граѓански универзитет “Кузман Шапкарев“ каде и ќе се реализираат бесплатните курсеви.

Потребните документи кандидатите треба да ги достават најдоцна 15 дена од денот на објавувањето на Конкурсот на адреса: Општина Охрид ул.,, Димитар Влахов“ бр. 57 – Охрид , во затворен коверт со назнака „За Комисијата за спроведување на Конкурсот за бесплатни курсеви по англиски,германски јазик и информатика“ или во Архивата на општина Охрид. Документите на кандидатите кои се некомплетни и ненавремено доставени нема да бидат разгледувани.