Бруто-додадената вредност во земјоделството пораснала за 2,7%

Според податоците на Државниот завод за статистика, бруто-додадената вредност во земјоделството во 2012 година изнесува 42 841 милиони денари и во однос на 2011 година бележи номинален раст од 2.7%. Благ раст е забележан и кај земјоделската „деловна гранка“ од 0.8% во однос на 2011 година. Растителното производство во 2012 година (кое во вкупното производство учествува со 69.0%) бележи раст од 0.6% во однос на 2011 година. Вредноста на добиточното производство (кое во вкупното производство учествува со 23.2%) порасна за 2.8% во однос на 2011 година. Меѓуфазната потрошувачка, во 2012 година, бележи пад од 1.4% во однос на 2011 година. Номиналниот и реалниот доход во земјоделството од производните фактори, по работна единица, во 2012 година бележат раст и тоа: 15.0% кај номиналниот и 15.9% кај реалниот доход од производните фактори.