СДСМ: Локалната власт од ДПМНЕ никако да престане да манипулира со охридската јавност, кога се работи за образованието

Локалната власт од ДПМНЕ никако да престане да манипулира со охридската јавност, кога се работи за образованието, обвини на денешната прес-конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.

„Одговорните лица упорно се обидуваат да ја убедат охридската јавност дека градската власт ги одблокирала сметките на училиштата во Општина Охрид, поради наводното нестручно и недомаќинско работење на поранешните директори. Но, колку и да се повторува една невистина, тоа не значи дека некогаш ќе се претвори во вистина. А вистината е следната – да, локалната власт од ДПМНЕ ги одблокира сметките од училиштата, кои беа блокирани по вина на централната власт од ДПМНЕ. А, еве ја и основната причина за блокирањето на сметките на училиштата –  непочитување на Законот за работни односи на РМ, т.е. неисплаќање на отпремнина на пензионираниот наставен кадар од страна на Министерството за образование и наука. Наставниците, што по сила на закон се пензионираа во текот на 2011, 2012 и 2013 год., а во поголемите  основни училишта во овој период имаше по 6-7 пензионирани наставници, кога видоа дека имаат работа со власт која не ги почитува законите, поднесоа тужби до училиштата. Отпремнината за секој од овие наставници изнесуваше околу 40 илјади денари, но со судските трошоци и каматите оваа сума достигна и до 80 илјади денари по човек. Тоа значеше дека секое училиште, поради извршни судски одлуки, за наведениот период требаше да исплати повеќе од половина милион денари. Со оглед на фактот што училиштата не располагаат со толкави средства, нивните сметки беа блокирани со судски извршни решенија. Значи, за блокираните сметки на училиштата во Охрид вината исклучиво ја сноси Министерството за образование и наука, раководено од ДПМНЕ. Но, по освојувањето на локалната власт, за таквата состојба најлесно беше неоправдано и популистички да се обвини поранешната локална власт и директорите на училиштата. И, замислите чудо, сметките на училиштата, на спектакуларен и бомбастичен начин, преку вистински медиумски театар, беа одблокирани од истата власт на ДПМНЕ, но сега на локално ниво. Таквата состојба беше искористена на најгруб начин, со закани и притисоци, да бидат сменети директорите на училиштата.“– истакна Кузески.

Како што рече Кузески на првиот ден од учебната година, преку 60 стручни, соодветни и искусни наставници и професори биле на крајно непрофесионален и штетен начин отстранети од системот на образованието во општината, поради непродолжување на договорите за работа.

„На нивно место беа ангажирани нестручни и неискусни партиски кадри, кои денес се принудени да одат по домовите од охриѓани и да бараат гласови за избори, затоа што и нивните работни места треба партиски да се заслужат и оправдаат пред ДПМНЕ. Најтрагично од се’ е што најголемата штета од ваквото однесување и менаџирање со кадрите во образованието имаат учениците и родителите, кои најмногу трпат од мешањето на политиката во образованието, односно од политичкиот реваншизам и партиското осветољубие што го применува ДПМНЕ.“-додаде Кузески.

AleksandarKuzeski2

WebOhrid