Македонија произведува безбедна храна- За дома и за извоз

Воспоставување на нови бизнис партнерства за идна соработка, размена на искуства за производство на храна и презентација на најновите технолошки достигнувања за квалитет и безбедност во производствениот процес се главните цели на „Фестивалот за хигиенски дизајн и храна“ кој од денес до петок се одржува на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид со поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за поддршка на претприемништвото во Република Македонија.

Како што објасни Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар „КЛУЧ“ од Мекедонија – регионална секција на највлијателната европска мрежа од областа на безбедност на храна „EHEDG“, на фестивалот учествуваат 17 македонски компании од прехранбената индустрија кои ги претстават своите производи и услуги, како и научници, истражувачи, професионалци, владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци кои работат во областите на производство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, исхрана, хигиенско инженерство и дизајн, иновативни технологии и нови трендови во прехранбената индустрија.

„Македонските компании извезуваат храна во целиот свет, а најмногу во земјите од Европската унија. Храната која ја произведуваат е безбедна“, вели заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарстсво Абдулезел Догани. Сите елементи за безбедност на храната, додаде тој се регулирани пропишани и имплементирани со закон. Сепак, вели тој, постои ризик, а тенденцијата е тој да се намали на најмало можно ниво.

„Битна компонента е што може да има перфектен HACCP систем, да се спроведат перфектни процедури и обучени луѓе, но може да се случат појави кои се поврзани со несоодветно дизајнирана опрема и машини кои не се гледаат, а може да излачуваат супстанци кои не се дозволени во храната како финален производ,“ напомена Догани.

Во делот на хигиенското инженерство, Агенцијата за храна и ветеринарство ги усогласи и постојано ги ажурира законските и подзаконските акти кои ја уредуваат оваа област. Како што истакна во својата презентација државниот советник за храна Катерина Матиќ, согласно националното законодавство примарната одговорност за безбедноста на храната во Република Македонија е на операторите со храна, а инспекциските служби на Агенцијата се одговорни за контрола на усогласеноста на операторите со законските барања за безбедност на храната.

„Иако станува збор за релативно нов термин, од пред повеќе од десеттина години во Република Македонија се поставени темелите на хигиенскиот инженеринг преку имплементирањето на предусловните програми за HACCP како што се Добрата хигиенска и Добрата производствена пракса, вклучително и преку Анализата на критичните контролни точки“– заклучи таа.

Лудвиг Јозефсберг – претседател на „EHEDG“ и директор во светскиот бренд за пакување „Tetra Pak“ од Шведска рече дека индустријата за храна е една од најважните на ниво на Европа и затоа е многу важно храната да биде произведена и пакувана во современи и безбедни услови.

„EHEDG“ претставува највлијателната европска мрежа од областа на безбедноста на храната. Оваа организација обезбедува практично управување со хигиенското инженерство од аспект на производство на безбедна и квалитетна храна. „EHEDG“ ја поддржува европската легислатива која бара ракувањето, подготвувањето, преработката и пакувањето на храна да се врши хигиенски, со употреба на хигиенска машинерија и хигиенски простории“, рече Јозефсберг.

Тој истакна дека „EHEDG“ им помага на прехранбените компании преку давање упатства за основните стандарди за хигиенски дизајн во согласност со националната и меѓународната легислатива.

kate ohrid_cr