МТФ „Војдан Чернодрински“ доби Повелба од претседателот Иванов

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ вечер свечено беше отворен на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп и на јубилејот од половина век постоење и 140 години од раѓањето на својот патрон Чернодрински доби Повелба за заслуги во областа на културата и уметноста од Претседателот на Република Македонија.

„И покрај сите искушенија на кои не наведуваат масовните медиуми и социјалните мрежи, кои како да ни ги скратуваат и времето и трпението, сепак, му останавме верни на театарот“, истакна претседалот Иванов кој во своето поздравно обраќање рече дека Прилеп денес и слави и тагува зашто се збогува со својот актер Благоја Спиркоски – Џумерко.

Шефот на државата исткана дека верноста на публиката се должи на две причини – првата е ангажманот на луѓето во театарот, кои во 50 години извеле 663 претстави и го продолжиле заветот на основоположникот Чернодрински, а втората причина, рече тој, е бидејќи низ репертоарот секогаш одново успева да адресира важни теми и да испрати значајни пораки.

„Во време кога Република Македонија минува низ политичка и општествена драма, една порака е особено важна за сите нас. А тoа е потребата од дијалог на политичката сцена и враќање на меѓусебната доверба во македонското општество. Театарот има улога накорективно огледало што искрено ги покажува нештата какви што се, но и какви можат да бидат. Низ драмските заплети и расплети, театарот храбро ни укажува на можните причини и последици од нашите одлуки“, рече Иванов, додавајќи дека Повелбата е благодарност за фестивалот кој со својата искреност истовремено е и „сол на раната и мевлем за душата на македонското општество“.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека 50 години фестивалот „Војдан Чернодрински“ е синоним за новите специфики и креативната форма на македонскиот театар и создава нова димензија на сценска креација и театарско уживање, која ги надминува границите и ја создава театарска естетика по која Македонија се препознава во светот.

„„Војдан Чернодрински“ е еден од оние фестивали кои се очекуваат со големо нетрпение бидејќи актерите и ансамблите од целата држава добиваат неповторлива можност да ги спротистават, во најпозитивна смисла, сопствените креации и остварувања,натпреварувајќи се меѓу себе за престижните признанија кои се доделуваат на фестивалот и кои се најобјективна валоризација нанивната творечка работа“, рече министерката за култура.

Таа им ја честиташе наградата за животно дело на годинашните лауреати – актерите Мето Јавановски и Благоја Чоревски и театрологот Јелена Лужина.

Признанието од Претседателот на РМ го прими уметничкиот директор на фестивалот Петар Темелковски кој, како и прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, ја поздрави фестивалската публика.

Свеченото отворање на 50-тиот МТФ беше збогатено со огномет. По повод јубилејното издание на фестивалот прилепскиот плоштад вечерва е голема театарска сцена на која со свои перформанси настапуваат актери од сите македонските театри со делови одтекстови на патронот Чернодрински. Нивниот заеднички перформанс го режираше Дејан Пројковски и ќе трае околу два часа.

Во конкуренција за награди годинава се 13 претстави на македонските професионални театри. Ќе се одигруваат по две во еден фестивалски ден и уште една претстава во придружниот дел.

Фестивалската програма почна вчера со претставата на МНТ „Електра“, која поради спецификата публиката ја гледаше во Скопје нанејзината матична сцена. И на 16 јуни публиката ќе патува – тогаш во новиот театар во Велес за да ја проследи претставата „Приказни од шестиот кат“.

По повод јубилејот, годинава ќе биде промовирана и монографија за петдеценискиот растеж на МТФ „Војдан Чернодрински“.