Откривање на спомен обележје во чест и вечен помен на четворицата пилоти на МВР

Денес во Аеродромската база „Брест“ во Петровец беше откриено спомен обележје во чест и вечен помен на четворицата трагично загинати пилоти Драги Мицев, Иљо Лопатички, Марјан Трајковиќ и Тоде Орешков во хеликоптерската несреќа што се случи на 10 Јули минатата година во близина на Струмица.

Пред семејствата на пилотите, поканетите колеги и гости со поздравен говор се обрати Директорот на БЈБ м-р Горанче Савовски кој во оваа прилика во своето обраќање рече:

„Република Македонија е создадена и опстојува благодарение на храброста и пожртвуваноста кон татковината и својот народ од страна на незјините херои и патриоти. За се што денес имаме ним им должиме и им се поклонуваме. Тие се великаните кои ја променија историјата и оставија светол пример за идните генерации.

Нивните имиња остануваат вечно врежани во колективната меморијата на македонскиот народ, а нивните дела секогаш со гордост и пиетети ќе бидат споменувани од генерациите што доаѓаат по нив . Несомнено и имињата на нашите колеги професионални пилоти Драги Мицев, Иљо Лопатачки, Марјан Трајковиќ и Тоде Орешков остануваат засекогаш во најубави сеќавања за сите нас што ја имавме привилегијата и можноста да ги познаваме, да бидеме дел од нивните животи, да соработувавме со нив и заеднички да споделуваме радост и тага.

Ние пред една година загубивме четворица врвни професионалци, патриоти, другари,колеги, пред се грижливи и сакани сопружници, татковци, синови…

Загубата е ненадоместлива, но остануваат сеќавањата на нивните дела по кои ќе ги паметиме и со гордост споменуваме .

Драги, Иљо, Марјан и Тоде со своите човечки и професионални вредности засекогаш оставија длабока неизбришлива трага во нашите животи за што бескрајно сме им благодарни.

Но, во истовреме ни оставија и аманет да продолжиме да го следиме нивниот пат по кој чекореа достојно, чесно и секогаш со највисок степен на професионално извршување на работните задачи .

Денешниов чин на откривањето на спомен обележјето во чест и вечен помен на овие наши македонски херои, нема да ја исполни празнината што како колеги, пријатели, блиски ја споделуваме со нивните најблиски во изминативе година дена од нивното трагично загинување.

Но, од ова место Ви ветуваме почитувани наши колеги Драги, Иљо, Марјан и Тоде дека наша должност и светост останува и во иднина споменот за Вашата човечност, добрина , професионалност и посветеност да го чуваме, негуваме и со гордост пренесуваме.

Нека им е вечна слава !“- рече Савовски.