Со право за барање азил уште 541 мигрант

Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи врз основа на измените и дополнувањето на Законот за Азил издаде потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на 541 странски државјани кои илегално влегуваат на нашата територија.

Во периодот од 19.06.2015 до 10.07.2015 година во 08,00 часот, издадени се потврди на вкупно 10.469 странски државјани, од кои, 8.086 се од машки пол, 1.307 се од женски, 1.019 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 57 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија- 7.252, потоа Авганистан-930, Ирак-572, Пакистан-435, Сомалија- 323, Палестина-291, Конго-241, додека останатите се во помал број.

Од започнувањето на издавањето на потврдите до 10.07.2015 година до Одделението за азил се поднесени 32 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 23 барања се од државјани на Сирија за азил од нив шест за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко и Алжир и по едно барање од државјани од Египет и Ирак.

Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 10.07.2015 година се евидентирани вкупно 32 баратели на азил, од кои 24 баратели на азил се мажи, 6 баратели на азил се жени и 2 баратели на азил се малолетни лица. Од вкупниот број на баратели на азил кои се присутни во ЈУ Прифатниот центар, евидентирани се 2 баратели на азил со повреди на долните екстремитети ( двајца мажи ), додека пак бремени барателки на азил и малолетни лица без придружба на старател, не се регистрирани во ЈУ Прифатниот центар.

Вчера околу 20:30 регистрирано е нарушување на јавниот ред во прифатниот центар во павиљонот каде се сместени мигрантите од Прифатниот центар за странци. Група странски државјани (околу 8 лица) се затвориле во една од собите, поставиле на вратата ормари и кревети за да не може да се влезе и почнале да извикуваат слогани и се заканувале дека ќе ја запалат собата. Веднаш се преземени мерки, известена е БППЗ, упатени се патрола од АЛФА-тим, патрола од ПС „Бутел“ и единицата ЕЈРМИ. После еден час состојбата е нормализирана и се работи на расчистување на настанот.

Во рамки на сопствените овластувања, Министерството за здравство продолжи со дезинфекција на превозните средства и просториите во кои престојуваат илегалните мигранти, а во изминатиот период во јавно здравствените установи од сите нивоа на здравствена заштита, пружена е здравствена заштита на вкупно 185 мигранти.

Мобилните тимови на Црвен крст, лоцирани во Гевгелија и Табановце, укажаа прва помош на 116 лица. Реализирани се 5 транспорти до болниците, но ниту едно лице не е хоспитализирано. Дополнително, дистрибуирани се 92 шишиња води, 41 кутија двопек, 18 пакувања пелени и 14 хигиенски пакети.