Љубинко Друловиќ не е повеќе селектор на Македонија

Љубинко Друловиќ не е повеќе селектор на македонската фудбалска репрезентација. Од една страна неговиот договор со македонската репрезентација заврши, а од друга страна Управниот одбор на ФК Партизан од Белград на денешната одржана седница едногласно го избра Друловиќ за нов тренер на клубот.

„Договорот со Љубинко Друловиќ свечено ќе биде потпишан утре и ќе трае до јуни следната година. Причина за чекањето до утре е што раководството на Партизан ја почитува Фудбалската федерација на Македонија, која кон Друловиќ и Партизан беше искучително коректна, без да му застане на патот во продолжувањето на неговата кариера. До утре би требало да се завршат сите формалности, тоа беше желба на нашиот нов тренер, бидејќи тој носи добри спомени поврзани за соработката со ФФМ и сакаше до крајот да остане коректен.“ – изјави Милорад Вучелиќ потпретседателот на ФК Партизан од Белград.

Фудбалската федерација на Македонија во април годинава потпиша договор со Љубинко Друловиќ за местото селектор на А репрезентацијата на Македонија. Во договорот стоеше дека Љубинко Друловиќ ќе биде селектор во наредните шест месеци со можност за продолжување во наредните две години, но по слабите резултати очигледно беше дека Друловиќ не беше заинтересиран за продолжување на договорот.

WebOhrid