Црна Гора доби покана за започнување преговори за прием во НАТО

Министрите за надворешни работи на НАТО одлучија да ја поканат Црна Гора да ги започне преговорите за да стане 29. земја-членка на Северноатлантската алијанса.

„Ова е добар ден за Црна Гора, добар ден за Западен Балкан и добар ден за Алијансата“, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој ја оцени оваа одлука како историска на патот кон остварувањето на НАТО визијата за целосна, слободна и мирна Европа.

Оваа одлука за проширување, прв пат после шест години, е донесена благодарение на непоколебливата посветеност на Црна Гора кон заедничките вредности и меѓународната безбедност. Истовремено, важно за оваа земја е да продолжи на реформскиот пат.

Откако ќе се заклучат преговорите, сојузниците ќе потпишат протокол за пристапување, кој ќе мора да биде ратификуван од парламентите на сите 28 земји-членки. Кога процесот ќе биде завршен, Црна Гора ќе може да пристапи кон Договорот од Вашингтон и да стане членка на меѓународнa безбедносна организација.

Што се однесува на Република Македонија, НАТО и понатаму останува на ставот од Букурешт уште од 2008 година, односно дека нашата земја ќе добие покана веднаш откако ќе го реши спорот со името со Република Грција.