ВМРО-ДПМНЕ: Проблем на СДСМ е напредокот на Охрид

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во која се вели:

„Драго ни е што луѓето од кликата на СДСМ се нафатиле да сликаат депонија, но искрено жалиме што повторно им е активна селективната меморија. Она што тие го сликале е всушост наследството на Локалната самоуправа од нивниот градоначалник и директор на ЈП Комуналец. За се што тие направија за Охрид и Охриѓани сведочат кривичните пријави и обвиненијата за раководните лица на бившиот градоначалник и СДСМ. Судејќи по изборот на раководството на партијата, нивните идеи за одговорно, легално и чесно работење од тогаш до сега воопшто не се сменети.

Сакаме длабоко да им се извиниме на луѓето од кликата на СДСМ што упорно се што планираме – го остваруваме. Знаеме дека со ваква власт е ѓаволски тешко да си опозиција. Но ние поинаку и не знаеме да функционираме. Почнува да претставува сериозен проблем како да се нападне ВМРО – ДПМНЕ, Владата и Локалната самоуправа кога, на крај, се што ветивме – остваривме или е во фаза на остварување. Проблем се успесите на Владата и новите странски инвестиции кои за Охрид и охридско ќе значат нови фабрики, нови 2500 вработувања и финансиска сигурност за граѓаните. Проблем се сите огромни капитални проекти на Локалната самоуправа, кои досега ќе беа готови ако 50 милиони евра на граѓаните на Охрид не завршеа во џебовите на опозиционите функционери, мецени и олигарси. На крај, проблем за нив е и напредокот на Охрид.

Ви благодариме што со слики ја потсетивте јавноста што остана зад вас по вашето владеење. Ви порачуваме: единствено нешто што е виртуелно и ќе остане такво е вашата победа на избори. А казната следи на 24 Април.

Воедно, ја користиме оваа прилика да им се заблагодариме на медиумите за досегашната соработка што ја имавме, за коректниот и професионален однос и за објективното известување. Сакаме да ве охрабриме да продолжите со вашата работа, објективно, искрено, чесно и онака како што доликува на вистински креатори на јавното мислење. Не потпаѓајте под притисокот и заканите што ги наметнуваат СДСМ и нивните филијали. Одамна знаеме на кои постулати се потпрени нивните идеи за власт и демократија. Ви гарантираме, додека ВМРО – ДПМНЕ е на власт слободата на говорот никогаш нема да е нарушена ниту спречена, а медиумите ќе бидат целосно заштитени во рамките на Уставот и законите на Македонија.“– стои во реакцијата на ОК на ВМРО – ДПМНЕ Охрид.