Отворен Центар за мир и транскултурна комуникација на ДУТ

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на свеченоста по повод отворањето на Центарот за мир и транскултурна комуникација на Државниот универзитет во Тетово. Адеми потенцираше дека со организирањето на вакви настани ДУТ покажал дека е една од високообразовни институции во Република Македонија чии планови се насочени кон проширување и збогатување на меѓународната соработка. Токму затоа се повеќе студенти од Република Македонија, но и од соседените земји го одбираат ДУТ како универзитет на кој ќе го оформат своето високо образование.

„Денеска присуствуваме на еден многу значаен настан, на отворањето на Центарот за мир и транскултурна комуникација. Она што е од особена важност е дека во овој центар рамноправно учествуваат Државниот Универзитет од Тетово и Нортен Универзитетот од Илиноис. Формирањето на Центарот за мир и транскултурна комуникација има глобални цели. Неговите чинители нема да работат локално, нема да се насочат само кон своите заедници. Големината и потребата од создавање на вакви организации, е во тоа да се работи на зајакнување на позитивните вредности, на унапредување на мирот во светски рамки. Од особено значење е тоа што до овие вредности ќе се стигне со најмоќното нешто што може да го поседува човекот-образованието“, рече Адеми.

Министерот истакна дека во работењето на Центарот за мир и транскултурна комуникација се вклучени студенти професори, и други чинители, кои ќе имаат пристап до ресурси за ефикасно управување со конфликти, благодарение на што ќе може да се работи на обезбедување на глобалниот мир и економски просперитет.

„Министерството за образование и наука ги поддржува ваквите иницијативи чија цел е младите да го надградуваат своето образование, особено кога она што ќе го научат им овозможува меѓукултурна соработка и зајакнување на вредностите благодарение на кои ќе го негуваат мирот како најголема придобивка на денешницата“, рече Адеми.