Македонските кендо борци во добро издание на Европското првенство

Главниот град на Македонија, Скопје, во периодот од 31 март до 3 април беше домаќин на Европското првенство во Кендо. Добивањето на организација на ова Европско првенство не беше случајност, туку резултат на реализација на голем број проекти и активности од страна на Кендо федерацијата, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и сето тоа во насока на промовирање и развој на оваа боречка вештина.

АМС од својот буџет одвои 600 илјади денари со што се овозможи добра организација на првенството. На овој мега настан учествуваа 37 земји со 485 натпреварувачи. Сите тие имаа можност да се запознаат со нашата држава, а токму промоцијата на Македонија преку овој настан беше нашата примарна цел.

Македонските кендо натпреварувачи прикажаа добри борби. Менсур Бојда, Владимир Кесковски, Матеј Ивановски ги поминаа натпреварите по групи. Андреј Атанасовски требаше и тој да ја помине групната фаза, но судиите не му доделија сигурни поени. Марија Наковска во групата имаше една победа и две нерешени средби и обезбеди пласман од 16 до 32 место. Бојда, Кесковски и Ивановски беа поразени во директните пресметки, но пружија силен отпор.

„Имавме одличен настап. Се боревме против фаворити и освојувачи на медали и бевме рамноправни, а на моменти и подобри. За 2-3 години ќе освиме медал, бидејќи се гледа дека се приближивме со квалитетот на водечките репрезенатции“, – велат од нашата репрезентација.