Државниот секретар Шехаби присуствуваше на Меѓународниот фестивал на културата и уметноста во Бурса

Државниот секретар во Министерството за култура на Република Македонија, Бехиџудин Шехаби, по покана на градоначалникот на Бурса, Реџеп Алтепе, присуствуваше на Меѓународниот фестивал на културата и уметноста кој по 55–ти пат се одржува во овој град кој е под заштита на УНЕСКО.

На Меѓународниот фестивал на културата и уметноста, кој трае две недели, државниот секретар Шехаби присуствуваше на претпоследниот ден и ја имаше честа да ја отвори изложбата насловена „Преселби“, која претставува спој на ликовни композиции насликани во различни техники, дело на повеќе еминентни турски ликовни уметници. Ликовниот колаж ја раскажува драмата за иселувањата од минатото сè до ден денешен.

Државниот секретар Бехиџудин Шехаби, заедно со градоначалникот на Бурса Реџеп Алтепе, ја посети и изложбата на фотографии на градот Бурса која е поставена во градскиот музеј.

На завршната вечер од оваа реномирана манифестација, државниот секретар Шехаби присуствуваше и на гала-концертот на познатата и популарна турска пејачка Џандан Ерчетин, која е по потекло од Скопје.

Градот Бурса е збратимен град со Скопје, а централната општина во Бурса, Осман Гази, со општината Чаир.

За време на посетата, државниот секретар Шехаби и градоначалникот Алтепе разговараа и за идните проекти од областа на културата, со акцент на афирмацијата и промоцијата на културното наследство меѓу двете земји.