Шести невролошки конгрес во Охрид

Во хотелот Метропол, синоќа започна шестиот по ред Македонски невролошки конгрес, со интернационално учество и вторите по ред интернационални Охридски средби. Настанот е во организација на Универзитетската клиника за неврологија – Скопје, Здружението на невролози на Република Македонија и Лига за борба против епилепсија. Како претставник на градот домаќин, свое обраќање имаше градоначалникот Никола Бакрачески.

„Почестен сум, да се обратам на 6. Македонски невролошки конгрес со интернационално учество и да Ви посакам топло добредојде во овој убав град. Дозволете ми да го изразам своето задоволство што го избравте Охрид за одржување на овај конгрес. Верувам дека во наредните три дена, разменувањето на искуствата и познавањата, разгледувањето на последните клинички истражувања во неврологијата, потсетувајќи се на најновите надградби на невролошките водичи кои промовираат нови методи во дијагностицирањето и третирањето на болестите. Се надевам дека ќе дадете придонес во напредокот на неврологијата, како и во унапредувањето на дијагностицирањето и третирањето на болестите“, истакна градоначалникот Бакрачески.

Годинашниот конгрес ги опфаќа темите за мозочен удар, епилепсија, паркинсова болест, мултиплекс склероза, деменција, полиневропатија и невромускулни нарушувања.

На конгресот предавања ќе одржат голем број на домашни и странски експерти. Овај настан нуди одлична можност за запознавање и размена на искуства, со една цел – подобрување на невролошката пракса и лекувањето на невролошките болести во Република Македонија.