Потпишан Договорот за изградба на клиничкиот центар во Скопје

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров и претставници на компаниите Гранит, Бетон и италијанската ИНСО системи  го потпишаа договорот за изградба на нов клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Вредноста на договорот изнесува околу 72 милиони евра, а предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци од почетокот на градбата.

Тој истакна дека на проектирањето на новите објекти и инфраструктура на клиничкиот центар четири години интензивно работеа тимови проекти од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа.

Тодоров по повод потпишувањето на Договорот истакна дека постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, а со изградбата на новиот клинички центар ќе бидат поставени нови стандарди за квалитет на здравствените услуги во Македонија.

„Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат тоа да се случеше, но оние вистинските прават тоа навистина да се случи. На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме полната поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот клинички центар да ги имаат граѓаните и државата“, порача Тодоров.

Новиот клинички центар ќе овозможи врвен третман на пациент и негово олеснето движење и удобност во рамки на објектите. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување преку билдинг менаџмент систем, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип.

Постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ се протега на површина од 17 хектари и се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, а низ клиниките годишно минуваат повеќе од 800 илјади пациенти и посетители.

Новата зграда на клиничкиот центар ќе биде со нето површина од 46.987 метри квадратни корисен простор, 6.416 метри квадратни проодни тераси и кровни градини и 531 метар квадратен хелиодром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациентите на 10-то ниво.