Регионалниот пат Охрид-Св.Наум е значајна сообраќајна артерија во општина Охрид со значителна сообраќајна фрекфенција и со посебно сообраќајно оптоварување во летниот период. Тој е еден од клучните регионални патни правци, кој води кон туристичките населби, хотелско угостителските објекти и ноќните клубови на брегот на Охридското езеро но и кон граничниот премин „Св.Наум“. На овој патен потег, за жал, во изминатиов период се случиле многу сообраќајни незгоди од кои, еден дел, завршиле со загуба на човечки животи. Најчестите причини за случените сообраќајни незгоди се непочитување на пропишаната брзина на движење и управување на патнички и други моторни возила под дејство на алкохол. На почетокот на мај годинава, на оваа патна делница, поточно на потегот над „Хидробиолошкиот завод“, во тешка сообраќајна незгода, животот го загуби 20 годишно момче од Охрид, а уште еден се здоби со тешки телесни повреди. На истиот потег, во јуни минатата година, се случи тешка сообраќајна незгода во која жртва беше 29 годишна жена од Охрид.
Со цел значително подобрување на сообраќајната безбедност на овој патен потег, поточно на дел од регионалниот пат над „Хидробиолошкиот завод“, ОСБСП-Охрид, предлага поставување на челични одбојни огради како привремено сообраќајно решение.
„Кај современите патишта се применуваат т.н. челични одбојни огради (браници) кои се изработени од многу еластични челични лимови, поставени на цврсти носачи. Врската помеѓу носачот и лимовите може да биде крута или еластична со силни челични пружини. По ударот на возилото во ваква ограда, челичните лимови еластично се деформираат со што, ударот значително се ублажува а еластичноста на деформираниот лим, го враќа возилото на коловозот. Воедно, предлагаме и надополнување односно осовременување на хоризонталната и вертикална сигнализација на тој патен потег, поставување сообраќајни знаци за опасност со рефлектирачки својства или на исти сообраќајни знаци во серија, што е карактеристично за пат каде се вози со поголема брзина. Ова е посебно значајно при управување патнички возила во ноќните и раните утрински часови.“– информираат од ОСБСП Охрид.
Како тело што посветено работи кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, предлог иницијативата ОСБСП ја достави до Локалната самоуправа и до Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот и оттаму сметаат дека преку нивните контакти со Јавното претпријатие за државни патишта, со „Македонија пат“ и со други релевантни фактори, можна е реализација на доставените предлози. Ова е најбрзиот и најсоодветен начин, во пресрет на летната туристичка сезона, да се зголеми безбедноста на овој регионален пат и посебно на споменатиот патен потег, со што силно ќе се влијае врз намалување на сообраќајните незгоди и загуба на човечки животи.