Развој на интероперабилноста и унапредување на меѓусебната доверба и соработка – започнува вежбата „Dragoon Guardian 17“

300 припадници на „2. Cavalry Regiment“ на Армијата на САД во Европа со 6 конвои и околу 120 возила денеска на граничниот премин Деве Баир, влегоа во Република Македонија, како дел од заедничката воена вежба на Армијата на Република Македонија и вооружените сили на САД, „Dragoon Guardian 17“ која се одржува од денеска до 10 август на армискиот полигон „Криволак“.

Припадниците на вооружените сили на САД, вежбата ја реализираат заедно со 95 припадници на инжинерискиот баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада на АРМ и од четата АБХО.

На свеченоста во Куманово, на која беа презентирани и дел од возилата на АРМ и вооружените сили на САД кои се дел од вежбата, министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека со оваа вежба ќе се зајакне билатералната соработка со САД, а ќе се влијае и врз развој на взаемното разбирање и доверба. Министерката рече дека вежбата има повеќе цели, како подобрување на интероперабилноста, размената на искуства и развој на стандардните оперативни процедури.

„Гледајќи ја амбициозната програма, која е плод на заедничка работа на припадниците на АРМ и на вооружените сили на САД, уверена сум дека оваа голема вежба ќе биде одлична можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери, САД“, рече министерката пред присутните.

Шекеринска изрази задоволство што САД, како земја која вложува многу во развојот и подготвеноста на своите вооружени сили го одбра армискиот полигон „Криволак“, за реализација на оваа вежба.

Министерката во своето обраќање се осврна и на поголемиот број локални активности кои се дел од оваа вежба, преку кои граѓаните на Македонија ќе можат одблиску да се запознаат и со опремата на Армијата на САД, која се користи во инжинериските единици. „Армијата е толку силна, колку што е силна и нејзината врска и поддршка од граѓаните. Во текот на вежбата граѓаните на неколку градови во Република Македонија ќе имаат можност да се запознаат со задачите на војниците, нивниот начин на живот, работните обврски, секојдневието“, рече министерката и информираше дека ваков тип на настани, освен во Куманово, ќе се одржат и во Скопје, Велес, Штип, Струга и Струмица.

„Заеднички вежби ја доближуваат Македонија до НАТО. Преку билатерални обуки и вежби и преку настани и операции поддржани од НАТО, ние и помагаме на Македонија да се подготви за полноправно членство во НАТО“, истакна амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли. Тој додаде дека САД работат да ја видат Македонија како станува дел од НАТО, и тоа преку поддршка на реформите за зајакнување на демократијата и преку вежби како што е „Dragoon Guardian“.

Бригадниот генерал Зоран Милески, командант на Здружената оперативна команда на АРМ, рече дека оваа вежба е производ на едногодишниот планирачки процес и круна на интензивната соработка помеѓу инженериските капацитети на двете армии, на која и претходеа активности реализирани на полигоните во Германија, Унгарија, Романија и Бугарија, од почетокот на годината.

„Куманово е град првоборец, град кој во минатото се бореше против фашизмот, за извојување на својата слобода. Тоа е нешто што и денес нè поттикнувада истраеме во напорите за зачувување на мирот, за одржување на праведно и современо општество“, рече градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски во своето обраќање како домаќин на првиот настан од воено-цивилната соработка.

Во рамките на вежбата „Dragoon Guardian 17“, припадниците на Армиите на двете земји ќе имаат серија заеднички обуки за обезбедување мобилност и справување со импровизирани експлозивни направи, за обезбедување на медицинска поддршка, а воедно ќе имаат можност да учествуваат во изградба на времена полетно-слетна патека за беспилотни летала.