Годишно обраќање на Претседателот Ѓорге Иванов

Во годишното обраќање на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кое се одржа во Собранието на Македонија, истакна дека зад нас оставаме една година која ќе ја паметиме по многу премрежја и искушенија на глобален план.

„На макроекономски план, Република Македонија во 2012 година беше под големо влијание на глобалното опкружување и особено состојбите во ЕУ, како најзначаен трговски партнер. Покажавме дека знаеме да се справиме со предизвиците, Република Македонија не ја зафати фаталниот бран кој внесе сомнеж и несигурност во многу европски земји“. – рече Иванов.

Претседателот во своето обраќање пред пратениците во Собранието, во поглед на разговорите за прашањето за името рече дека ќе се пристапува како и досега, искрено и посветено.

„Во очекување сме на нови средби и разговори со господинот Метју Нимиц, за што јас лично разговарав и со генералниот секретар, господинот Бан Ки-мун. Сакам во оваа прилика јасно да ставам на знаење, прво на моите сограѓани, а потоа на меѓународната заедница, дека до заемно прифатливо решение може да се дојде доколку не сме соочени со ултимативни барања на штета на нашите национални интереси и идентитет“. – посочи Претседателот.

Случувањата во парламентот, според Иванов ги загрижува граѓаните.

„Деновиве, во овој дом се води остра и непродуктивна дебата за усвојување на Буџетот на Република Македонија. Морам да констатирам дека тоа ги загрижува граѓаните. Апелирам да се најде начин за итен излез од оваа ситуација. Граѓаните го очекуваат тоа од вас. Не може целото општество, со сите свои потреби, да биде заложник на неодговорно однесување. Ако се случи, заради неодговорно политичко однесување, Македонија да трпи економска штета, со кој образ утре ќе излезете да ја барате довербата на граѓаните? Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси. Тогаш навистина станува збор за сите нас. За Република Македонија“. – истакна Иванов.

Пораката на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов е сите заедно да ја издигнеме нашата земја во височина. Со највисоки принципи, вредности, стандарди, и секако да се потсетуваме на заветот што ни го остави св. Климент Охридски – да се престигнуваме во добрина.

WebOhrid