Презентирани резултатите од проектот „Транспарентна и ефикасна децентрализација“

Резултатите од компаративната анализа од проектот „ Транспарентна и ефикасна децентрализација“, денес беа презентирани пред вработените во Локалната самоуправа. Проектот во кој беа вклучени 12 општини траеше три години, го изработи тим од Центарот за развој на локалната демократија од Скопје, а го финансираше Фондацијата „Отворено општество Македонија“.

– „Компаративната анализа за транспарентна и ефикасна децентрализација покажува дека Општина Охрид е меѓу оние кај кои забележително е дека граѓаните се позадоволни од услугите на администрацијата на Локалната самоуправа, отколку од подрачните единици на министерствата, кои се сместени во иста зграда“. – рече на презентацијата, раководителот на проектот Јане Вртески.

– „Децентрализацијата до пред неколку години стагнираше како важен процес, а сега може да се рече дека преминува во нова централизација. Општина Охрид тоа особено го чуствува, бидејќи централната власт со измени во законите и подзаконските акти и ги одзема ингеренциите, со што се кочи економскиот развој“. – рече градоначалникот Александар Петрески.