Министерството за внатрешни работи денеска успеа да обезбеди непречено функционирање на институциите на Република Македонија и да спречи насилно блокирање и уривање на државниот поредок.
Крајно професионално, согласно правилниците за полициско постапување, припадниците на МВР успеаја да одговорат на сите предизвици и да спречат ескалирање на инцидентите и поголеми последици надвор и во Собранието на Р. Македонија.
Во текот на денот беа регистрирани повеќе инциденти и беше постапено по секој од нив. Засега има сознанија за неколку повредени лица, како и неколкумина приведени поради сомнение за напад и попречување на службени лица, како и непристојно и дрско однесување. Во моментов се работи на целосно документирање на сите случаи поединечно.
При пробивањето на кордонот поставен од полицијата пред Собранието, на повреди досега се пожалија 11 полициски службеници на кои им е укажана медицинска помош. Полициските службеници заради спречување на толпата насилно да влезе во Собранието на Р. Македонија, употребија и средства на присилба по што ги одвратија од намерата за незаконски упад во зградата. Во текот на наредните денови ќе бидат прегледани снимките и против сите инволвирани ќе следуваат соодветни пријави.
Во зградата, врз основа на наредба на Претседателот на Собранието на Р. Македонија, г-дин Трајко Вељановски, согласно Законот за Собрание на Р. Македонија, со која беше побарано создавање услови за одржување на веќе закажаната Седница, собраниското обезбедување презеде мерки и активности согласно законските овластувања за да обезбеди услови пратениците да постапат по обврските кои ги имаат, се произлегуваат од мандатот што им го доверија мнозинството граѓани на Република Македонија на непосредни, демократски избори.
При постапувањето, дел од членовите на собраниското обезбедување се пожалија дека не само што биле попречувани во извршувањето на службените задолженија, туку и биле предмет на вербален и физички напад од страна на некои пратеници. Освен заканите и навредите кои им биле упатувани, вработените во обезбедувањето биле влечени за коса, туркани и гребени.
Сепак собраниското обезбедување успеа воздржано да реагира и почитувајќи ги професионалните стандарди, да воведе ред во собраниска сала. Со професионалното постапување создаде соодветни услови за функционирање на Собранието, обезбедувајќи можност пратениците непречено да работат.
Дополнително ќе бидат обезбедени материјалите од собранискиот безбедносен-видео надзор и врз основа на нив ќе биде донесена одлука околу натамошното постапување.
Министерството за внатрешни работи продолжува да презема мерки за обезбедување на институциите и јавниот ред и мир, како и за соодветно процесуирање на сите инволвирани во инцидентите.
извор: МВР