ВМРО-ДПМНЕ: Се спроведе легитимно тестирање кое го положија и осум луѓе кои беа вработени во времето на Петрески

Во врска со соопштението на ВМРО – Народна партија, со реакција излезе ВМРО-ДПМНЕ во која стои:

„Десниот привезок на СДСМ т.н. Народна партија  не претставува ништо друго освен маргинализирана група од двајца до тројца членови, која без никаква поддршка од народот се дрзнува да зборува за раководењето на Локалната самоуправа и за луѓето кои го водат Охрид во подобра иднина.

Зачудувачки и застрашувачки е фактот од нивната заслепеност во гледањето на напредокот на градот Охрид.

Кога се однесува за администрацијата во Локалната самоуправа и тестирањето кое се спроведе, укажуваме дека се спроведе легитимно тестирање, кое го положија и осум луѓе кои беа вработени во времето на Петрески. Доколку Народна партија укажува и напаѓа за нивните пулени кои не успеаа да ги поминат задолжителните тестови тогаш можеме да им кажеме дека т.н. Народна партија располага со кадар кој не ги задоволува основите за да се биде дел од локалната администрација.

Напоменуваме дека ВМРО-ДПМНЕ и Локалната самоуправа предводена од градоначалникот Бакрачески секогаш се базира врз факти и спроведувањето на напредокот и реализацијата на ветените проекти е со динамично темпо.

Во иднина ваквите лични навреди и заканувања од страна на политичките опоненти кон челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и Општина Охрид ќе ги игнорираме со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески се насочени кон народот и нивните потреби.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.