Годишна средба на Иванов со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

На средбата, македонските дипломати го информираа Претседателот за нивните активности во текот на 2012 година, а беа разменети мислења и предлози во насока на подобрување на состојбите во македонската дипломатија.

Генералната оценка на претседателот Иванов е дека македонската дипломатија била  успешно ангажирана во исполнувањето на поставените задачи и цели, и дала соодветен придонес во создавањето на позитивна перцепцијата за земјава на меѓународната сцена.

Осврнувајќи се на последните случувања во надворешната политика, Претседателот истакна дека е задоволен од валоризирањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која на јасен начин ја потврдува исправноста на нашата политика во изминатиот период. Пресудата во голема мера придонесе да се зголеми странската поддршка на евроатланските интеграции на Република Македонија, која беше јасно воочена на последните Самити на НАТО и ЕУ. Неуспехот да се реализираат зацртаните цели, односно да се деблокираат евроатлантските интеграции, не треба да бидат разбрани како наш неуспех, ниту пак да доведат до разочараност. Во тој контекст, претседателот Иванов побара од дипломатите натамошно афирмирање на конструктивноста и позицијата на Македонија во однос на наметнатиот спор за името, како и зголемен ангажман во претставување на вистинската слика за добрососедските односи и напорите кои ги вложува земјава во нивно градење.

Ограничените ресурси со кои располагаат дипломатско–конзуларните претставништва, според Претседателот, не смеат  да бидат пречка, ниту алби, сите  дипломатски потенцијали да бидат ставени во функција на исполнување на предизвиците, пред кои наредната година Република Македонија ќе биде исправена.

Од суштинска важност е максималната посветеност на дипломатската мрежа во афирмирање на Република Македонија на политички план, преку афирмирање на успесите и реформските зафати во земјава, преку афирмирање на  конструктивноста во регионалната соработка, како и промоција на тековните активности во рамки на претседавањата на Република Македонија со двете регионални иницијативи – Процесот на соработка во Југо-источна Европа (ПСЈИЕ) и Дијалогот меѓу цивилизациите.

Со оглед на потребата од развој на економијата,  како еден од клучните приоритети на земјава,  на средбата беа  охрабрени  контактите на македонските дипломати со странските стопанственици и бизнис заедниците, како и нивните инцијативи за претставување на економските перформанси на Република Македонија.

Претседателот Иванов, воедно ја истакна и потребата од засилени заложби  за обединување на дијаспората и надминување на проблемите,  како и проактивна улога со цел унапредување на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји. Притоа, Претседателот апелираше и на поголема присутност на амбасадорите во јавниот простор, но  и поголема активност во културната дипломатија.

Во функција на обезбедување на квалитетна, активна и офанзивна дипломатија, претседателот Иванов истакна дека и натаму ангажманот на дипломатите ќе подлежи на поригорозна контрола и оценување.

На Македонија и се потребни трудољубиви, посветени, добро информирани и кредибилни амбасадори. Вие сте прва слика и асоцијација за Република Македонија надвор и тоа претставува  многу повеќе одговорност отколку престиж, истакна претседателот Иванов.

Со цел единствен, јасен и добро аргументиран глас на македонска дипломатија, беше нагласена  потребата од унапредување на координацијата меѓу надлежните институции и дипломатската мрежа.