Во организација на Велосипедската Федерација на Македонија, со скромна пригодна свеченост се одржа доделувањето на наградите и трофеите односно прогласувањето на шампионите според ранг листата на федерацијата за изминатата велосипедска сезона 2012.
Врз основ вложениот труд, постигнатите резултати и редовноста на натпреварите од изминатата сезона, според дисциплини и категории од членовите со признанија се закитија:
Друмски велосипедизам – шампионски пехар за освоеното прво место во категоријата на кадети за Јован Јованоски. Во останатите категории на друмски велосипедизам без признанија, а севкупен пласман на клубот е високото четврто место.
Планински велосипедизам – според ранг листата во категоријата девојки, како трето пласирана е Сара Пешликоска, а на второто место – вицешампион со пехар се закити Теодора Алексијоска. Во категорија на кадети, непобедливи сите три пехари во рацете на Екодромци. Како третопласиран Новица Велјаноски, второ место – вицешампион Петар Упевчески и на прво место – шампион Јован Јованоски. Во категорија на јуниори сезоната како третопласиран ја заврши Андреј Хаџи Василев, а како второ пласиран – вицешампион Христијан Николоски. Во најконкурентната односно најелитната категорија Елит-Сениори, шампион на годината е прогласен Бленди Троци. Сите овие успеси на членовите, се заслужни за шампионскиот пехар во екипниот редослед со кој Екодром се закити на недостижното првото место во планински велосипедизам.
Постигнатиот успех кој пред се, се должи на посветеноста од страна на членовите, нивната упорност во напорните тренинзи, дисциплината и желбата за искачување на пиедестал. Сепак овие успеси не би биле на вакво високо ниво без поддршката која ја добиваат од родителите и роднините, наставниците, професорите и граѓаните од Охрид, и се разбира спонзорите и помагателите.