Дозволете ми Вам лично, на Вашето ценето свештенство и монаштво и на сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам најсветлиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божиќ и да Ви посакам овие празнични денови да ги поминете во добро здравје, и семејна среќа и благосостојба.
Божиќ е највеличенствениот ден за милиони Христијани во светот, ден на серадосната тајна, ден кога Христос слезе на земјата и се роди заради нас и нашето спасение.
Раѓајќи се во голема скромност човекољубивиот Бог не научи дека секој човек е подеднакво вреден, дека сите сме еднакви и со исти можности. Затоа, во духот на мирот и заедништвото, поттикнати од идејата за зачувување и негување на највисоките човечки вредности во што особен придонес има и Католичката црква, да се стремиме кон меѓусебна соработка и почитување и создавање на трајни дела и вредности. Истовремено да ги афирмираме и духовните вистини, да се ослободиме од сите негативни чувства, за да може слободно да делуваме хуманистички притоа следејќи ги моралните закони во нас.
Вечните духовни вредности кои извираат од христијанската традиција, нека станат наше секојдневие. Да ги прифатиме како основни критериуми во нашиот живот, опстојувајќи постојано во верата, вербата, љубовта, себевложувањето, искреноста и чесноста, и врз овие добродетели да ги градиме и нашите постапки во животот, за постојано да создаваме услови за подобар живот на граѓаните, економски развој на државата и општеството, подобри можности за нас и нашите поколенија, и да продолжиме со изградбата на силна, модерна и напредна Република Македонија.
Дозволете уште еднаш да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните.
Бидете благословени и нека Ви е честит големиот христијански празник.