По вчерашните случувања во Собранието на РМ, а и надвор од него, на скопските улици, лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски одржа прес конференција, на која јасно истакна дека од денес СДСМ преминува на еден поинаков режим на дејствување, односно ќе организира и поддржува секаков вид на граѓански отпор и непослушност.
„Вчера беше извршено класично убиство со умисла на Уставот и демократијата во Република Македонија. Огромен е, но не и најголем проблемот со бруталното кршење на се што е уставно, законски и деловнички пропишано при донесувањето на буџетот за следната година. Од оваа власт такво нешто можеше и да се очекува после се што направи во безброј ситуации во изминативе 7 години. Но, она после кое за македонското општество нема враќање назад е насилничкото претепување и исфрлање надвор од парламентот на пратениците, народните избраници, на оние што го претставуваат гласот на народот. И зошто? Само затоа што сакаа да го штитат уставот, законот, деловникот… Затоа што го бранеа последниот бастион на правната држава и демократија во оваа земја. И тоа не беше се. Како и секоја диктаторска, а во исто време и кукавичка власт се обидоа тоа да го скријат од очите на јавноста па претходно насилно и со примена на физичка сила ги отстранија новинарите од пленарната сала на собранието. И тоа не е се. Вчера пред парламентот, впрочем како и неброено пати во овие изминати 7 години власта хушкаше народ против народ делејќи го, конфронтирајќи го меѓусебе и создавајќи зла крв. Вчера полицијата тепаше граѓани кои беа дојдени не за да ја рушат власта, туку за да го бранат Уставот и демократијата во својата земја. Вчера, кругот кој што оваа власт го испишуваше во изминативе 7 години целосно се затвори. Македонија конечено и дефинитивно не е демократска и правна туку партиско-полициска, режимска држава. Тоа е вистината со која мора да се соочиме и против која мора да се бориме. Од вчера, парламентот не е ништо друго освен партиска испостава на владеачките партии. За нас тој повеќе не постои и пратениците од коалицијата Сојуз на иднината повеќе во неговата работа нема да учествуваат. Од денес СДСМ заедно со своите коалициони партнери преоѓа на поинаков, соодветен на приликите и карактерот на овој режим начин на дејствување. Ќе организираме и поддржуваме секаков облик на граѓански отпор и непослушност. Ќе организираме и поддржуваме секаков вид на митинзи, протести, блокади на сообраќајници. Некои од овие наши активности претходно ќе ги најавуваме, а некои од разбирливи причини не. Почнуваме од вечерва со полчасовно блокирање на клучните сообраќајници во сите градови ширум Македонија. Овие активности ќе траат до петок навечер. Во сабота во 12.00 часот ќе организираме протест пред главното седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Тоа е логична локација имајќи во предвид дека оваа партија ја узурпираше државата и ја претвори во партиско – полициска држава. Крајната цел на се што ќе правиме во наредниот период е враќање на уставниот поредок и демократијата во Република Македонија. За да тоа се случи овој тоталитарен режим ќе мора да си замине“. – најави лидерот на СДСМ, Црвенковски.
Веднаш по пресот на Црвенковски следуваше реакција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес целиот прес на Бранко Црвенковски се сведува на само една работа. Бранко Црвенковски сака да дојде на власт. Ние би сакале да му го порачаме следното, г-не Црвенковски на власт се доаѓа со избори, власта ја избира народот, а не со насилство, со закани, со напад врз претседател на Собрание и со обид за насилен преврат. Вашето однесување личи на се, но не личи на однесување на политичар во европска држава. Г-не Црвенковски, власта ја избира народот, а не твоите најблиски и од тебе зависни соработници, вие тргнавте да се пресметувате и да се тепате со сопствениот народ. Г-не Црвенковски вие дадовте наредба да се нападне претседателот Велјановски, вие дадовте наредба да се узурпира и завземе Собранието на РМ, вие дадовте наредба да бидат напаѓани пратеници. Г-не Црвенковски вие дадовте наредба да биде ставено вон функција Собранието, кое е избрано од граѓаните. Наместо и понатаму да се заканува, Црвенковски денес најмалку што требаше да направи беше да и се извини на целата македонска јавност“. – реагираат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
WebOhrid