ВМРО-НП: Да се избере директор на ЈП „Билјанини Извори“

Во врска со  директорското место на  ЈП „Билјанини Извори“, ВМРО – Народна партија испрати соопшетение, во кое стои:

„Помина скоро цел еден месец откако поранешниот в.д. директор на ЈП „Билјанини Извори“, Иван Цветкоски поднесе оставка од функцијата. Од тогаш, па до денес претпријатието нема директор.

Сметаме дека со непоставувањето директор на ова јавно претпријатие се прави штета на градот. Најмногу засегнати во таа штета се вработените во ЈП „Билјанини Извори“, но и сите оние кои добиваат услуги од него.

Законот за јавни претпријатија вели дека до изборот на нов директор, управниот одбор, односно градоначалникот на општината во рок од пет дена од донесувањето на одлуката за престанок на функцијата, именува вршител на должноста директор на јавното претпријатие.

Го повикуваме градоначалникот Никола Бакрачески што поскоро да назначи директор и претпријатиетно да продолжи нормално да функционира. Исто така, повикуваме да престанат задкулисните игри во движењето ДПМНЕ и внатрепартиската борба за ова директорско место и конечно ова претпријатие да проработи“. – стои во соопштението од ВМРО – Народна партија Охрид.