Конфискација на нелегалниот имот на Џемаили

Владата на Република Македонија спроведува бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Законите мора да важат за сите, а правниот поредок да се почитува. Лицата кои се занимаваат со криминал и криминални активности покрај тоа што се соочуваат со остра реакција и санкции и казни за нив, не можат да го задржат противправно стекнатиот имот. Тој им се одзема.

По 7 години на посветена работа на случајот Бачило, и по 7 години избегнување на правдата од страна на лицето Иснифарис Џемаили, Владата успеа да ја докаже правдата и да започне постапка за да ги одземе нелегално стекнатите имоти од лицето Иснифарис Џемаили.

Џемаили 7 години манипулираше и со вешти правни процедури, успеваше да не дозволи да му се конфискува огромен дел од имотот кој го стекнал на нелегален начин. По правосилната судска пресуда, со која се констатира дека тој ја има оштетено државата за 44 милиони денари, и пресудената затворска казна, Џемаили со правни маневри целокупниот свој имот го имаше ставено под хипотеки кај други лица преку потпишување на фиктивни договори за заем, со цел да не може да му биде одземен.

Владата, преку Државното правобранителство, успеа во судска постапка да докаже дека тој го попречувал правото, дека со нелегални активности се обидел да ја изигра правдата и Апелацискиот суд, со правосилна судска пресуда, потврдувајќи ја претходната пресуда на Основниот суд, пресуди дека договорите за заем кои Иснифарис Џемаили ги склучувал фиктивно за заштита на имотот и хипотеките на имотот кои биле воспоставени со тие договори  се ништовни, со што се создадоа можности државата да го конфискува неговиот имот.

Врз основа на судската пресуда, Агенцијата за управување со конфискуван имот ќе конфискува станбен простор во кој се содржат 10 стана, сите лоцирани во една нова зграда во Скопје со вкупна површина од 910 метри квадратни, како и деловен простор со површина од 62 метри квадратни исто така во Скопје. Апроксимативно пресметаната вредност на вкупниот имот кој ќе биде конфискуван е над 1 милион евра.

Постапката за конфискација е започната, и по нејзино завршување овие 10 стана и деловниот простор ќе бидат дадени на продажба, а средствата од продажбата ќе одат во буџетот за потребите на граѓаните.

Исто така, Владата донесе одлука да се продадат претходно конфискуваните акции од фирмата „Југоопрема“, кои беа конфискувани од лицето Миодраг Марковиќ. Се работи за 13 544 акции, кои претставуваат 43,64% од основната главница на „Југоопрема“.

Продавањето на овие акции ќе се врши на јавна берзанска аукција, по принципот продажба се или ништо, односно или сите акции или ниту една, при што номиналната вредност на една акција ќе биде 50 евра, или за вкупниот број на акции цената е определена на околу 700 000 евра.

„Југоопрема“ е компанија која работи, се занимава со издавање на деловен простор и има во посед деловен простор, што создава претпоставка дека потенцијалниот купувач на акциите ќе може да оствари заработувачка.

Средствата од продажбата на акциите одат во буџет за потребите на граѓаните.

Ова е порака до криминалците дека нивните имоти кои се стекнати на криминален начин не може да ги задржат. Понекогаш ќе треба време, но не може да ги задржат, правдата ќе победи. Тие ќе бидат одземани.