Засилени контроли, одземени 28 075 петарди од страна на СВР

Во пресрет на новогодишните празници, секторот за внатрешни работи Охрид врши интензивни и засилени контроли на физички и правни лица со цел пронаоѓање пиротехнички производи, кои во Република Македонија, и покрај забраната за нивна употреба, неовластено се продаваат во продавници, пазари и на други јавни места.

Во борбата против нелегалните препродавачи на пиротехнички средства, успешни акции беа изведени во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, при што беа пронајдени и одземени 28075 парчиња најразновидни петарди и низа други разновидни пиротехнички средства нелегално набавени и наменети за понатамошна продажба.

Најголемиот дел од нелегално поседуваните пиротехнички средства биле сокриени во подрумски и други простории по домовите а помал дел во продавници за продажба на прехрамбени производи и во патни торби. Се работи за широк арсенал на пиротехнички средства почнувајќи од петарди „Пират“, кружни петарди „Магнум“, шлек,мач-крекер,силвер-крекер, бомби Денобосо како и лансери за ракети со можност за инсталирање на различен број ракети.

Како резултат на интензивните мерки и успешни акции што секоја година во овој период се спроведуваат на целото подрачје на СВР Охрид, бележиме континуиран пад на нелегалната трговија со пиротехника и пиротехнички средства. Така, минатата година беа пронајдени и одземени околу 30000 нелегално набавени за продажба пиротехнички производи додека во 2010 година, само во Охрид и Струга беше пронајден арсенал од близу 70000 пиротехнички средства.

Паралелно со овие мерки, СВР Охрид, презема и превентивни и едукативни мерки со цел запознавање на граѓаните посебно на децата, за опасностите на пиротехничките производи по здравјето на луѓето.

Против сите правни и физички лица каде е пронајдена нелегалната пиротехника, СВР Охрид ќе поднесе соодветни прекршочни и кривични пријави.