Претседателот и младите лидери им поделија новогодишни пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје, каде заедно со членовите на Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери (ИСЛАА) им подари новогодишни пакетчиња и играчки на децата кои се лекуваат во Клиниката, честитајќи им ја Новата година со желби за побрзо оздравување.

Ивана Атанасовска, претседател на Иванов Школа за лидери – алумни асоцијацијата, истакна дека и оваа година во соработка со проектот „Прегратка на дар“ и со целосна поддршка од претседателот Иванов, ја организираа оваа хуманитарна акција за подарување новогодишни пакетчиња, кои годинава се донација од фабриката „Витаминка“, како и играчки рачно изработени од децата од градинките низ Македонија.

„Наша најголема новогодишна желба е овие дечиња што поскоро да оздрават, да се вратат во своите домови и да си ја продолжат својата безгрижна детска игра. Ако денеска успеавме барем малку да им го разубавиме денот со нашите подароци, тоа е за нас најголем новогодишен подарок“, посочи Атанасовска.

Таа изрази благодарност до претседателот Иванов во името на сите членови на алумни асоцијацијата,  за неговата несебична поддршка за сите нивни активности и хуманитарни акции, и им ја честиташе Новата година на дечињата кои се лекуваат во клиниката, на сите оние кои се грижат за нив, како и на сите граѓани на Република Македонија.

Проектниот менаџер на хуманитарната акција „Прегратка на дар“, и член на ИСЛАА, Емилија Џуровска, истакна дека акцијата има за цел да внесе хуманост уште во раните возрасти кај децата во градинките кои рачно изработуваат играчки за да им посакаат среќни празници на дечињата кои се принудени за новогодишните празници да останат во болниците. На тој начин ги пренесуваат нивните желби тие побрзо да оздрават.

klinika2