Презентирани новите полициски возила „Шкода јети“

Денес во Министерството за внатрешни работи во присуство на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска официјално беа презентирани новите 150 полициски возила од марката “Шкода јети“ со што практично од денес овие возила ќе ги заменат „крајслерите“ стари повеќе од 12 години.

Како што истакна министерката Јанкулоска, во моментов на улиците во исправна состојба сообраќаат 142 “крајслери“, а истите ќе бидат заменети со 150 „Јети“ и притоа новите полициски возила ќе бидат распределени во сите градови во земјава. “Одредена бројка на „крајселрите“ кои се во поисправна состојба, МВР ќе ги задржи за свои потреби, а за останатите ќе биде распишана продажба’, истакна министерката Јанкулоска потенцирајќи дека новите автомобили „Шкода Јети“ се поекономични, но и посигурни за полициските службеници.

Притоа како илустрација на презентацијата на која што присуствуваа и челните луѓе на полицијата, беше посочен податокот дека потрошувачката на гориво на “крајслерите“ изнесувала 16 литри бензин на поминати сто километри, а пак на  „јетите“ таа изнесува 6 литри дизел. Годишниот трошок, пак, за одржување за „крајслерите“ изнесуваше 6 илјади евра, а за новите автомобили сервисот за првите 3 години е бесплатен.

Имено, како што веќе беше соопштено во јавноста крајната цена по завршување на електронската аукција за набавка на 150 полициски моторни возила на избраниот носител на набавка – “Порше Македонија“ изнесува 199.750.000 денари без ДДВ, односно 235.705.000 со ДДВ. Единечната цена по аукцијата за едно возило изнесува 1.331.667 денари без ДДВ, односно 1.571.367 со ДДВ.

Во цената на возилата се вклучени опремата за полициските возила (звучен сигнален уред, светлосен сигнален уред – стобов мост, телекомуникациски уред – тетра мобилна станица), четири дополнителни гуми и нивна замена за три години и трошоци за одржување и сервисирање за времетраење од 36 месеци.