Состанок на раководството на ФФМ со клубовите од прва и втора лига

На работниот состанок меѓу Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски и претставниците на клубовите од Првата и Втората фудбалска лига се дискутираше на актуелни теми кои значително влијаат и можат да придонесат за развој на натпреварувањето.

Едно од важните прашања кои беа дискутирани се однесува на одлуката на Фудбалската федерација на Македонија за задолжителен настап на најмалку еден фудбалер до 21 година во почетниот состав на екипите во натпреварите од Првата лига. Клубовите позитивно се изјаснија во однос на одлуката на Управниот одбор на федерацијата, јасно нагласувајќи дека ја прифаќаат стратегијата на ФФМ за развој на младите фудбалери. Со стапувањето во сила на оваа одлука за натпреварувачката 2014/15 година значително ќе се зголеми бројот на млади фудбалери кои ќе добијат шанса за настап во нашето најквалитетно натпреварување.

На истата тема дискусија отворија и претставниците на сите екипи од Втората лига. Одлуката на ФФМ се однесува за задолжителен настап на најмалку еден фудбалер до 21 година и задолжителен настап на најмалку еден фудбалер до 19 години во почетниот состав на екипите во натпреварите од Втората лига. Одлуката која официјално би стапила во сила за натпреварувачката 2014/15 година единствено не е конечна за настап на голманите на екипите. Претставниците на клубовите од Втората лига, исто така позитивно го прифатија начинот на кои ФФМ се обидува да придонесе за развој на младите фудбалери во Македонија.

На состанокот со клубовите од Првата лига , Фудбалската федерација на Македонија ја наметна темата за бројот на странски фудбалери во екипите. Предлогот на ФФМ, кои клубовите ќе го разгледуваат и писмено ќе се изјаснат се однесува на намалување на бројот на регистрирани странски фудбалери во една екипа. Предлогот на ФФМ е бројот на интернационалци, регистрирани во една екипа да се ограничи на осум (досега – неограничен), од кои од петтиот регистриран странец до последниот би се плаќал одреден надоместок. Средствата кои ФФМ би ги добивала по основ на регистрацијата на странски фудбалери ќе се наменат за развој на младинскиот фудбал.

Во насока да го подобри инфраструктурното уредување на стадионите и да им помогне на клубовите во едно од стратешки најбитните прашања за ФФМ, федерација од средствата добиени од казни за жолти и црвени картони ќе обезбеди посебна опрема за одржување на тревнатиот дел од стадионите и истата ќе им биде на разполагање на клубовите. За состојбата на стадионите постоечката комисија во ФФМ ќе изврши инспекција на истите и ќе утврди каква е состојбата. Клубовите се согласија да ги почитуваат критериумите за стадиони.