Политиката на домување зазема значајно внимание во политиките на Владата на Република Македонија. Водејќи се од својата програмска определба за континуирана грижа за сите категории на граѓани, особено фокусирајќи се на помош на граѓаните кои се со социјален ризик, и со цел овозможување на конкретна помош за решавање на нивното станбено прашање, Владата ја донесе Програмата за изградба на станови за лица со социјален ризик и други ранливи групи за 2013 година.
Во 2013 година Владата преку АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Република Македонија, ќе отпочне со градба на 474 станови во 5 градови во државава. За изградбата на овие 474 станови за лица со социјален ризик и други ранливи групи Владата издвои вкупно 867.833.000 денари.
Согласно Програмата во Скопје, во општината Бутел ќе бидат изградени 312 станови; во Ресен 18 станови; во Демир Хисар 25 станови; во Кочани 43 станови и во Прилеп, во населбата Точила 76 станови.
Во текот на оваа недела ќе отпочнат постапките за почеток на изградба на овие станови. Ќе бидат распишани јавни повици за интерес за градење на становите и ќе бидат отворени понудите. По отворањето на понудите ќе се пристапи кон електронска негативна аукција на која компаниите кои сакаат да ги градат становите по пат на наддавање ќе си конкурираат и онаа компанија која ќе понуди најниска цена ќе ги гради становите. Рокот за изградба за некои згради е 2014, а за некои 2015 година. Досега се изградени и распределени 559 станови за лица со социјален ризик што е најдобра гаранција за исполнувањето на ветувањата.
Овие станови ќе бидат распределени на категоријата на граѓани за кои ќе бидат наменети, односно за лица со социјален ризик и други ранливи групи, исто така по пат на транспарентна постапка.
Во оваа категорија спаѓаат – деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици на згрижување за деца без родители, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојани (примарни) живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, лица припадници на Ромската заедница(Декада на Роми) кои се социјално загрозени, самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.
Истовремено оваа 2013 година ќе се започне со разгледување и припрема на дополнителни 14 локации кои евентуално ќе служат за изградба на згради со станови за лица со социјален ризик и други ранливи групи. Оваа припрема подразбира проектирање, обезбедување на простор – земјиште за градба, стекнување на право на градба, како и обезбедување на потребната техничка документација. За оваа група на објекти изработена е веќе проектна документација за седум градови. Финалната листа на локации и згради, како и број на станови ќе биде објавена по усвојувањето од страна на Владата, во текот на оваа година.
Оваа програма е дел од активностите што Владата ги презема за решавање на станбеното прашање на лицата приматели на социјална парична помош, како ранлива категорија на граѓани која има потреба од поддршка од страна на државата.
Истовремено, освен тоа што се решава станбеното прашање на многу семејства, ваквите инвестиции придонесуваат и за раздвижување на градежништвото кое обезбедува егзистенција и работа на компаниите и вработува огромен број на граѓани. Ваквата изградба на станови го потпомага и локалниот развој на општините.
Со ова Владата покажува чувство на одговорност и конкретна грижа за овие граѓани. Владата и во иднина ќе продолжи со конкретни активности во насока на обезбедување на сигурност и запазување на интересите на сите граѓани.
Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев.