Неколку часа пред Нова година. Трпезата подготвена, храна и пијалоци, фино си седнал во фотелјата и чекаш новогодишна програма. Пушташ еден канал, турска серија, пушташ друг канал, индиска серија! Зарем и во новогодишната ноќ ќе гледам „Бурни времиња“!? Пиеш пијачка, мезиш со најблиските и вртиш по каналите. Сè едно те исто!! На сите ТВ канали истите пејачи, истите бајати шеги, истата концепција. Разликата е само во нивните тоалети кои се менуваат во зависност од каналот. Барем да се со вкус и префинетост облечени и нашминкани. Женските пејачки се или во ултра мини што цело време го повлекуваат надолу, или во тесен фустан кој не им доликува на ставата. Машките во исти костими како да се договориле пред настапот. Банално и без возбуда се нишаат на звуците на мелодијата.
ТВ куќите не покажале никаква креативност при подготовката на програмата. Или и тие некако се предаваат пред налетот на Интернетот, а посебно на социјалните мрежи. Како во една шега што деновиве кружи на ФБ: Каде за Нова година? Место-ФБ, а музика-YouTube.
Сител нè однесе во нашето соседство-исто како да сме на некоја турбо фолк забава. Во еден момент помислив дека Цеца ќе скокне од ТВ екранот, но фала му на бога не се случи тоа (можеше да ми се слоши, па лошо да ми тргне годината).
На ТВ Алфа помислив дека сакаат брзо да ме заспијат. Атмосферата темна, гостите во своите столици, мислиш гледаат концерт со класична музика.
Телма очигледно не може да си направи своја програма, па упорно презема некои други програми или пак, години наназад на ист начин и со иста сценографија и исти пејачи, исти песни…
Македонската телевизија се потрудила да ангажира четири оркестри, навистина моќно, ама барем публика да внесеше во студиото. Живост, расположение, оригиналност недостасуваше.
Зарем нема во нашиот медиумски простор некој што може и знае да направи и сними новогодишна програма според подобри критериуми !?
Ах, ќе заборавевев! Филмовите барем да беа премиери. Мислат дека гледачите се наивни, па ќе поминат со стари филмови!? Филмови што неколкупати се гледани се вртеа на каналите.
Би Нова година, помина, а турските серии повторно нè угостија на екраните. А, музичката новогодишна програма ќе ја гледаме уште долго како реприза на екраните, сè додека не ја научиме напамет.
Си поигруваат ли со нашата интелигенција!?
Р.К. (читател на WebOhrid)
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.